Единството и сплотеноста на народот најмногу се огледуваат и се најпотребни во вакви, како што вели архиепископот, злокобни непогоди. Затоа, додава тој, Црквата ги повикува граѓаните да го сочуваат мирот во себе и мирот меѓу себе
Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан повика на сплотеност и молитва по трагедијата во Кочани во која загинаа 59 млади лица, а над 190 се повредени.

„Светата Македонска православна црква постојано се моли за спасение на невино настраданите, служејќи помени за упокоените и принесувајќи молитви за исцеление на повредените, како и за утешение на нивните семејства и ближни. Во овие дни на траор го повикуваме верниот наш народ заедно да ги сосредоточиме срцата во молитва кон Господа, просејќи од Него да ги прими душите на новопретставените чеда Божји во прегратките Авраамови, а пак на повредените да им дарува побрзо оздравување“,
наведува во пораката архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Единството и сплотеноста на народот најмногу се огледуваат и се најпотребни во вакви, како што вели архиепископот, злокобни непогоди. Затоа, додава тој, Црквата ги повикува граѓаните да го сочуваат мирот во себе и мирот меѓу себе.