Според Митева, за 58 лица се обезбедени транспорт и сместување, а додаде и дека оваа одлука ќе се однесува и на оние лица кои заминале претходно, односно пред оваа одлука

Министерството за финансии добило задолжение на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) да префрли 30 милиони денари што ќе бидат наменети за помош за транспорт и сместување на најблиските на тешко повредените лица во пожарот во Кочани, а кои се упатени на лекување во странство. Ова е одлука за која владината портпаролка Марија Митева рече дека била донесена на денешната владина седница.
Според Митева, за 58 лица се обезбедени транспорт и сместување, а додаде и дека оваа одлука ќе се однесува и на оние лица кои заминале претходно, односно пред оваа одлука.
„Ќе може ретроактивно да им се изврши дополнителна исплата“,
рече Митева.
Вкупно 76 пациенти се транспортирани на лекување во странство. Последни, ноќеска биле префрлени во Хрватска, Словенија и Виена по двајца, тројца во Атина.
Таа додаде дека биле планирани уште префрлувања во странство, и тоа во Виена, Полска, Шведска, Холандија, Италија, Хрватска, Норвешка и во Словенија.