Михај Греча, еден од преживеаните од пожарот во „Колектив“, објави на Фејсбук отворено писмо до повредените и нивните блиски, во кое дава совети и нагласува дека е подготвен да помогне. Тој за Радио Слободна Европа изјави дека речиси десет години по трагедијата лекувањето на изгореници во Романија е малку подобрено. Во земјата сега постојат три болници во кои можат да се лекуваат изгореници од среден степен. Според него, во овие болници се лекуваат и тешки случаи, иако за нив се потребни специјализирани болници кои во Романија сè уште ги нема
Преживеани од пожарот во ноќниот клуб „Колектив“ во Букурешт во 2015 година понудија помош и поддршка на повредените и нивните блиски по смртоносниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи викендов, пренесува романската редакција на Радио Слободна Европа.
Михај Греча, еден од преживеаните од пожарот во „Колектив“, објави на Фејсбук отворено писмо до повредените и нивните блиски, во кое дава совети и нагласува дека е подготвен да помогне.
„Прозорецот за безбеден транспорт на лицата со изгореници е 48 до 72 часа. Тие мора да бидат прегледани од специјалисти бидејќи од тоа зависи нивниот живот“,
истакнува Греча.
Во пожарот што избувна на 30 октомври 2015 година во ноќниот клуб „Колектив“ во Букурешт загинаа 64 лица – 27 во ноќта на трагедијата, а другите починаа во следните недели или месеци во болници во Букурешт и во странство. Околу 200 лица беа повредени. Огнот бил предизвикан од огномет предвиден за надворешна употреба, кој го запалил ентериерот, а пламените брзо се прошириле поради леснозапаливиот звучноизолациски материјал во клубот. Во објектот тогаш се наоѓале над 400 лица, иако неговиот капацитет бил 80 посетители.
Преживеаниот од „Колектив“, Михај Греча, за романската редакција на Радио Слободна Европа изјави дека засега никој од Македонија не стапил во контакт со него.
„Ние сакаме да им помогнеме бидејќи се наоѓаат во многу тешка ситуација. Ние поминавме низ драма каква што сега ја доживуваат тие. И ние добивме помош“,
вели Греча.
Тој се наоѓал во клубот за да го снима концертот на групата „Goodbye to Gravity“. По пожарот, Михај Греча бил речиси еден месец во кома во болницата „Флореаска“ во Букурешт.
Греча истакна дека здравствениот систем во Романија тогаш не бил подготвен да се справи со ситуацијата и претпоставува дека тоа важи и за Македонија.
„Можеме да им кажеме кои решенија беа ефикасни кај нас, кои се најдобрите клиники за рехабилитација во Европа и како може да се стигне до нив“,
посочи Греча.
Европската комисија соопшти дека Северна Македонија го активирала Механизмот на ЕУ за цивилна заштита поради пожарот. Државата побара помош за евакуација на 15 лица со тешки изгореници. Првите понуди за помош преку механизмот пристигнаа од Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Унгарија, Луксембург и Норвешка, наведува РСЕ.
Романската редакција на Радио Слободна Европа потсетува дека по пожарот во „Колектив“, 33 повредени починале во првите денови поради сериозноста на повредите, но и поради лошите услови во болниците.
Трагедијата во „Колектив“ го откри фактот дека Романија нема капацитет за лекување на тешки изгореници. Во романските болници се појавиле болнички инфекции, кои исто така довеле до смрт на хоспитализираните пациенти.
Непосредно по пожарот, властите тврдеа дека Романија има сè што е потребно и не сакаа да ги испраќаат повредените во подобро опремени болници во странство, потсетува медиумот.
Повеќе од една недела по пожарот во „Колектив“, првите повредени беа префрлени во клиники во Холандија, Белгија, Израел, Австрија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство.
Преживеаниот од „Колектив“, Михај Греча, за Радио Слободна Европа изјави дека речиси десет години по трагедијата лекувањето на изгореници во Романија е малку подобрено. Во земјата сега постојат три болници во кои можат да се лекуваат изгореници од среден степен. Според него, во овие болници се лекуваат и тешки случаи, иако за нив се потребни специјализирани болници, кои во Романија сè уште ги нема.
Министерството за здравство на Романија вчера соопшти дека во тек е изградба на три болници за лекување на тешки изгореници.
Романија ѝ понуди на Северна Македонија транспорт на повредените од пожарот со воени транспортни авиони, но раководителот на Департментот за вонредни ситуации, Раед Арафат, изјави дека земјата нема доволно места за лекување пациенти со изгореници.