Во земјава денеска е втор ден од седумдневната жалост за настраданите во трагедијата во Кочани
Во знак на сочувство со семејставата на настраданите во трагедијата во Кочани и солидарност со земјава, денеска е Ден на жалост во Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина. Вчера по повод трагедијата ден на жалост беше во Црна Гора.

Владата на Бугарија, како што пренесоа тамошните медиуми, со одлука го прогласија 18 март 2025 година за Ден на национална жалост во Бугарија во спомен на жртвите кои ги загубија животите во Кочани.
„Владата (Бугарија) изразува сочувство до семејствата на загинатите. Во нивен спомен, во вторник (18 март) на половина копје ќе бидат спуштени националните знамиња на државните институции. Во бугарските болници се згрижени 14 повредени во пожарот. Нашата земја е подготвена да прифати уште жртви. Бугарската држава обезбеди и превоз и сместување за роднините на повредените, за да можат да бидат во контакт и да им дадат поддршка на повредените“,
се вели во соопштението на бугарската влада, пренесува БГНЕС.
Со одлука на Владата на Србија, како што објави РТС, денеска е Ден на жалост и во Србија поради големиот пожар во Кочани, во кој животите ги загубија 59 лица, а повеќе од 150 се повредени.
На државните институции и установите, националното знаме на Србија е спуштено на половина копје, а медиумите и културните установи се должни своите програми да ги прилагодат на Денот на жалост.
Во Србија и Бугарија се хоспитализирани и дел од критично повредените во пожарот во Кочани. Според информациите на здравствените власти, во повеќе болници во Бугарија се наоѓаат 14 пациенти, а во Србија се згрижени и се на лекување 17 лица.
Во земјава денеска е втор ден од седумдневната жалост за настраданите во трагедијата во Кочани. За време на седумдневната жалост што ја прогласи Владата, знамињата се на половина копје, откажани се сите музички, забавни активности и настаните во установите од областа на културата, а прилагодена е и програмата на медиумите. Отворени се книги на жалост во Собранието, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и во македонските амбасади низ светот.