Опозициската партија оценува дека со оспорувањето на Законот за употреба на јазиците не се прави ништо друго освен, како што велат, напад врз темелите на соживотот и евроатланската ориентација на државата. Оценувањето на уставноста на Законот, според ДУИ, е политички мотивиран и репресивен чин кој доведува до создавање тензии и отворање на старите рани од минатото
Четири години по потпишувањето на Законот за употреба на јазиците, опозициската ДУИ оценува дека се прават обиди за напад на најчувствителното прашање од Охридскиот рамковен договор – прашањето за јазикот.

Од ДУИ посочуваат дека секој обид за оспорување на Законот за употреба на јазиците е обид за оспорување на Охридскиот договор и уставниот поредок на земјава.
„Денес ја одбележуваме четвртата годишнина од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците – моментот кога беше заокружен легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор, со што албанскиот јазик го доби заслуженото место во нашиот мултиетнички државен систем. Но, четири години подоцна, антиохридските духови повторно се разбудија за да го нападнат најчувствителното прашање, токму таму каде што синџирот е најслаб – во прашањето на јазикот, најсилниот симбол на еднаквоста и меѓуетничката хармонија“,
велат од ДУИ.
Опозициската партија оценува дека со оспорувањето на Законот за употреба на јазиците, не се прави ништо друго освен, како што велат, напад врз темелите на соживотот и евроатлантската ориентација на државата. Оценувањето на уставноста на Законот, според ДУИ, е политички мотивиран и репресивен чин кој доведува до создавање тензии и отворање на старите рани од минатото.
„Апелираме до сите државни институции и меѓународни фактори да не дозволат земјата да се лизне во патот на ревизионизмот, кој може да доведе до длабока политичка и институционална криза со непредвидливи последици. ДУИ со сите демократски средства ќе го брани Законот за употреба на јазиците и нема да дозволи враќање назад“,
посочуваат од Демократската унија за интеграција.
Инаку, за денеска во Уставниот суд е најавен брифинг на претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, на кој се очекува да информира за подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците, која е закажана за 20 март.