Лимузината на Шуто Оризари е најскапото патничко возило купено од локалната или централната власт во 2023 и 2024 година. Следни на ранг-листата се Државна видеолотарија и Општина Битола, кои исто купиле Шкода Суперб за околу 55 000 евра. Не е далеку кавадаречки Комуналец со лимузина Опел Инсигнија и повторно Државната видеолотарија која за 52 илјади евра купила Мини купер С
Ова го открива истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, во кое невладината организација ги анализира сите јавни набавки на службени коли во претходните две години. Просечно на тендерите имало по 1,4 понуди, а на 70 % од тендерите имало само една понуда
Општината Шуто Оризари важи за една од најсиромашните во Скопје. А штом локалната самоуправа нема доволно пари во буџетот, тешко излегува во пресрет на потребите на граѓаните.
„Цела инфраструктура да се промени. Ништо во Шуто Оризари не е стабилно, не е добро. Овде е се диво,“
вели еден граѓанин.
„Да се среди малце, улиците да се поправат, да нема волкав хаос, колите без регистарција, без дозволи возат,“
вели жителка на Шуто Оризари.
„Па ние имаме Пензионерски кој не функционира. Може 20 години е неофарбан, неокречен. Во амбулантата жените немаат матичен лекар, гинеколог“,
посочува граѓанин.
Но, Општината Шуто Оризари нашла пари и тоа околу 55 илјади евра, за во 2023 година да купи лимузина – „шкода суперб“. Во таков модел на коли, во последниве години, се возат претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот и министрите.

Кој и за што го користи автомобилот, отидовме да прашаме директно во Општината. Додека го чекавме лицето задолжено за јавните набавки, пред општинската зграда се појави градоначалникот Курто Дудуш. Не уверуваше дека дури и за работни обврски, тој повеќе го користи приватниот автомобил.
„Возилото не е некаков луксуз, мислам дека сите градоначалници имаат слични возила. Го купивме од аспект дека ни е потребен, имавме некои стари возила кои ги возевме, меѓутоа веќе застареа, а и со поправки често повеќе пари трошевме на сервиси. Имаме уште две други возила кои се купени пред некои шест години и генерално се користат од админстрација, јас тоа возило лично многу малку го користам.
360֯: Во моментов каде е возилото, тука е?
Во моментов службите најверојатно го користат, не знам. Вие ме видовте дека дојдов со приватно возило и не го користам лично“,
вели градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.

Поголем дел од жителите на Шуто Оризари не знаеја какво службено возило купила општината. Повеќето беа критични кога дознаа, но не сите.
„55 илјади евра не е малце, ама не сум упатен, не знам што да кажам за тоа“,
вели граѓанин.
„И треба ли на општината? – Не злато, не и треба. И сите тротоари ги зафатија, овде во Шутка е хаос“,
посочува жителка на Шуто Оризари.
„Види, им треба превозно средство, разбираш. Сега која цена, како, им треба. И они треба да работат, да комуницираат, да прават ваму-таму да кажеме. Е сега што е евтино? Нема ништо, еден пипер е 300 денари, а камо ли па кола? Ништо не е тоа“,
додава граѓанин.
Лимузината на Шуто Оризари е најскапото патничко возило купено од локалната или централната власт во 2023 и 2024 година. Ова го открива истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, во кое невладината организација ги анализира сите јавни набавки на службени коли во претходните две години.

На ранг-листата пред Шуто Оризари, всушност, привремено беше Прилеп, откако општината на тендер избра исто така „шкода суперб“, но за 63 058 евра. Дали поради критиките во тамошната јавност, дали поради нешто друго, се пишманија.
„Договорот за набавка возилото „Skoda Superb“ е раскинат и истата нема да се реализира. Планираните средства за исплата за возилото за 2025 година се пренаменети во програмата за култура за други поважни настани“,
велат од Општина Прилеп.
Следни на ранг-листата се Државна видеолотарија и Општина Битола, кои исто купиле Шкода Суперб за околу 55 000 евра. Не е далеку кавадаречки Комуналец со лимузина Опел Инсигнија и повторно Државната видеолотарија која за 52 илјади евра купила Мини купер С.
Од Општина Битола велат дека имале застарен возен парк и дека набавката била неопходна. Преку оперативен лизинг набавиле пет различни „шкоди“ кои ќе ги користат во следните четири години. Начинот на набавката, пак, го правдаат со праксата на Владата и други институции.
„Ваквиот начин на набавка ќе овозможи доволен број возила согласно потребите на општината, а од друга страна, истите на трошок на економскиот оператор ќе може да се сервисираат и одржуваат во целиот четиригодишен период. Ова ја потврдува финансиската, но и оперативната исплатливост, во споредба со набавка на возило во трајна сопственост или со финансиски лизинг. Нагласуваме дека сите набавени возила се користат од општинската администрација без ексклузивитет на градоначалникот“,
посочуваат од Општина Битола.
Ако, пак, се погледне по марки, „шкода“ е најкупуваната марка кај институциите со 90 возила во последните две години. Следуваат „дачиа“ со 78, па „пежо“ со 45, „опел“ со 16 и „рено“ со 10 возила.

Една од клучните точки за загриженост, според Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, е тоа што кога институциите купуваат коли, најчесто речиси и да нема конкуренција.
„Просечно на тендерите имало по 1,4 понуди, а на 70 % од тендерите имало само една понуда. Што е податок кој вреди натаму да се анализира зошто е така? Дали спецификациите се доволно блиски до одредени возила, па само со тоа возило може да се настапи на тендерот или навистина не сакаат да си конкурираат меѓу себе фирмите“,
потенцира Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Најскапата групна набавка во последните две години се лимузините што ги набавува Службата за општи и заеднички работи. Велиме набавува, а не купува, бидејќи станува збор за оперативен лизинг. Тоа значи дека државата ги користи на начин што го плаќа само бензинот до изминати околу 120 000 километри, а продавачот се грижи за исправноста, сервисите и се друго. На истекот на тригодишниот договор, државата ги враќа колите.

На последниот тендер за 45 возила, непосредно пред смената на власта, изборот падна на „шкода суперб“, а цената за тригодишна употреба по возило е 50 437 евра. Во истражувањето, од Центарот за граѓански комуникации објавуваат и кој се вози во тие 45 возила.
22 се за министрите и замениците на премиерот
5 се за Владата, од кои едно за премиерот, две за неговата придружба и две за владиниот протокол
4 возила одат за поранешните претседатели на државата и сопругата на покојниот Борис Трајковски, по едно за секого
3 се Собранието, од кои едно за претседателот и две за придружбата
3 се за Службата за општи и заеднички работи, за опслужување странски делегации
2 се за поранешните премиери Џафери и Ковачевски
и потоа по едно возило има за:
Претседателката на државата
Претседателот на Уставниот суд
Директорот на СОЗР
Шефот на кабинетот на Премиерот
Генералниот секретар на Владата и
Заменикот на генералниот секретар на Владата
Меѓу препораките кои ги испраќаат до институциите од Центарот за граѓански комуникации е да се ревидира начинот на набавка преку оперативен лизинг. Но, и да се воведе правилник за класите на возила.
„Не велам да не се купуваат возила, но да се види каква класа возило. Дали не треба да видиме просечно граѓаните што го полнат буџетот какви возила возат, па тој просек да го префрлиме и во државните институции и тие да возат такви возила. Ако овде се возат едни, а овде имаме од 60 илјади евра, нешто не чини. Затоа што тоа не се пари на тој функционер кој го има возилото, а секој од нив го има потпишано договорот значи знае што набавил. И крајно, да се направи список на институции на функционери кому му следува такво возило, од која класа и тн. Дали поранешните функционери мора да имаат такво возило?“,
вели Филков.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, веќе кажа јавно дека размислува да го напушти моделот на оперативен лизинг. Во гостувањето во „360 степени“ пред околу два месеца, го спомна финансискиот лизинг како можно решение.

„Ние да учествуваме како држава со дваесет проценти од вкупната вредност на возилата, повторно да ги земеме на лизинг и тоа да дојде како плаќање на рати и во истиот тендер да предвидеме сервис од страна на понудувачот. Јас сум убеден дека ќе има пријавени понудувачи, нема да има само еден понудувач како сега што било случај и мислам дека ќе добиеме пониска цена. Затоа што со тој финансиски лизинг, на крај, после три години тие возила ќе останат во сопственост на државата каде што ние можеме како држава да ги продадеме, па за следната набавка педесет посто да ни бидат поевтини возилата“,
кажа Ивица Томовски, директор на СОЗР.
Но, кажа Томовски во таа пригода, Владата нема намера да се враќа на долгорочна експлоатација на возилата. Зошто? Затоа што и воведувањето на оперативниот лизинг каде за колата се грижи продавачот било со причина – да нема злоупотреби со гуми, сервиси, резервни делови.
Ниту полицијата не е имуна на такви работи. Минатиот месец обвинителството нареди претреси поради сомнеж за злоупотреби во одржувањето на возилата меѓу сервисерите и вработени во МВР.