Додик, Вишковиќ и Стевандиќ треба да бидат приведени од правосудната полиција со помош на која било полициска агенција, пишува Кликс.ба. Обвинителството ги товари за сторено кривично дело нарушување на уставниот поредок

Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) издаде наредба за приведување на претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, премиерот на РС, Радован Вишковиќ, како и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, на сослушување.
Додик, Вишковиќ и Стевандиќ треба да бидат приведени од правосудната полиција со помош на која било полициска агенција, пишува Кликс.ба. Обвинителството ги товари за сторено кривично дело нарушување на уставниот поредок.
Од прес-службата на Вишковиќ во РС потврдија дека добиле информации за налогот за апсење потпишан од државниот обвинител Ќазим Хасанспахиќ. Оваа наредба, наводно, била проследена до правосудната полиција, Министерството за внатрешни работи на РС и Државната агенција за истрага и заштита (СИПА), но од Обвинителството на БиХ нема коментар.
Додик, Вишковиќ и Стевандиќ не се јавија на претходните покани од Обвинителството на БиХ на распит. Доколку не бидат приведени, ќе биде издадена внатрешна потерница според која секоја полициска агенција во БиХ може да ги приведе, вклучително и Граничната полиција.
Доколку не се приведени ниту врз основа на внатрешна потерница, тогаш се распишува потерница од Интерпол, односно меѓународна.
Директна реакција од тројцата осомничени нема, а во нивно име, во утринските часови, со воинствена реторика, се огласи Радован Ковачевиќ, портпарол на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Додик.
Во објава на социјалната мрежа Икс тој порача дека никој нема и не може да го уапси државниот врв на РС.
„Секој облик на радикализација од Сараево ќе наиде на жесток одговор од РС. Политички и институционален“,
се закани Ковачевиќ.
За потсетување, Додик минатата недела потпиша одлуки за објавување закони со кои се забрануваат активностите на Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина, СИПА и Високиот судски и обвинителски совет на БиХ (ХЈПЦ) на територијата на РС.
Овие акти беа усвоени од Националното собрание на РС на посебна седница на 27 февруари и се во спротивност со одредбите на Уставот на БиХ, а многу аналитичари ги сметаат за државен удар. Вишковиќ е формален предлагач на спорните акти, додека Стевандиќ го водеше процесот на нивното донесување во парламентот.
Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, тогаш најави дека владеењето на правото ќе реагира на постапките на Додик и неговите соработници.