Д-Р Марјан Шокаровски, кој е специјалист по кардиохирургија, а учествуваше во трансплатацијата на срце која за прв пат се изведе вчера на Клиниката за кардиохирургија во Скопје, во интервју за порталот „Струмица денес“ го раскажува неговото искуство во операцијата која вели дека нема да ја заборави.
Објаснува дека секој чекор од процедурата претходно бил многу внимателно разработен и испланиран, а она што секогаш ќе го памети е моментот кога срцето почнало да чука во телото на 54-годишниот пациент.
„Во тој момент Иван почна да го живее својот втор подарен живот, а сите во операционата сала бевме среќни и го доживеавме тој момент многу лично. Се поклонивме на хероината донор, аплаудиравме на успехот да се подари шанса за нов живот“,
вели Шокаровски.
Тој смета дека после оваа операција ќе се крене свеста за органодарителство во земјава, но потенцира дека за тоа неопходна е и соодветна регулатива.
„Прво морам да истакнам дека единствениот херој во оваа приказна беше донорот и нејзиното семејство,кои несебично го поделија најскапоценото нешто што може да постои,а тоа е животот. Благородноста на овој чин нема никаква цена и преставува нешто најдрагоцено што може некој човек да направи. После ова ништо повеќе нема да биде исто како порано. Но за тоа да остане така, треба да се преземат мерки и од Министерството за здравство за да се воведе уште посоодветна регулатива која ќе го потикне нашиот народ на ваков хуман гест. Но исто и ние, докторите кои сме во постојан контакт со луѓе,треба уште посилно да преземаме иницијатива да го споделуваме програмот за донирање органи меѓу нашите пациенти и да ги мотивираме да го прифатат тоа како најхуманиот потег кој што еден може да го направи како последен гест при своето заминување од овој свет,“
вели Шокаровски.
