За интерпелацијата кажа дека е поднесена со потписите на 67 пратениците, кои не се потпишале на документот, чиј архитект го посочи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кого го нарече политички моќник, туку на посебни листови
Удар и упад во независната судска власт, од една страна или почеток на борбата против криминалот и корупцијата преку барање одговорност од структури во правосудниот систем, кои не направиле ништо за да ги спречат овие негативни состојби во општеството.

Ова беа аргументите што денеска можеа да се слушнат од двете страни на собраниската седница за интерпелација на петтемина члена на Судскиот совет, иницирана од пратениците на владејачкото мнозинство.
Како што е веќе познато, мнозинството бара интерпелација на членовите на Судскиот совет Весна Дамева, Тања Чачарова-Илиевска, Муљазим Мустава, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.
Интереплациите за кои попладнево почна расправата во рамките на 40. седница на Собранието се поделени во пет точки, односно за секој од петтемина на Судскиот совет пратениците ќе расправаат и ќе гласаат одделно.
Прва за која ќе треба да се изјаснат пратениците е онаа поднесена за членката и до неодамна претседателка на ова тело задолжено за избор, оценување и разрешување на судии, Весна Дамева.
Обраќајќи се од говорницата во пленарната сала на законодавниот Дамева, меѓу другото, кажа дека како што не одговарала на поединци од минатата власта, така не одговара и на поединци од оваа власт.
Во таа насока кажа дека не дозволила притисокот и омаловажувањата на кои била изложена од оваа иста говорница да влијаат на нејзината чест и совест, но оти не можела да помине преку болката што тоа ја предизвикало врз нејзиното семејство.
„Се прашував дали може да се гази преку живи луѓе. Очигледно е дека желбата за власт е посилна од какво било чувство и кое било средство“,
рече Дамева.
Посочи дека најверојатно за последен пат стои пред пратениците бидејќи за девет месеци истекува нејзиниот мандат како член на Судскиот совет, но оти денеска дошла во Собранието не за да се заштити себеси, туку да застане во заштита на владеењето на правото, Уставот и на судската власт и да се спротивстави на, како што кажа, дискриминаторскиот однос.
„Тоа ми е должност како носител на функција во судската власт“’,
рече таа.
За интерпелација кажа дека е поднесена со потписите на 67 пратениците, кои не се потпишале на документот за чиј архитект го посочи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кого го нарече политички моќник, туку на посебни листови.
„Дали овој пратеник придонесува за судската власт и владеењето на правото, но секој треба да се соочи со својата совест“,
кажа Дамева.
Рече дека денеска пред очите на јавноста се случува директен упад во судската власт и дека причина за интерплациите не може да биде неусвојувањето на Извештајот за работата на Судскиот совет за 2023 година, правејќи споредба со сличен случај од 2016 година, кога исто така не бил усвоен извештајот, ное не била победена постапка за интерпелација на тогашните членови на судскиот совет иако меѓу нив имало и таков кој поднесувал извештаи во седиште на политичка партија.
Во својата аргументација дека институт интерпелација се однесува и се користи исклучиво за политичка контрола на Владата и нејзините членови поединечно, Дамева се повика на трудови на универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ, а рецензирани од неговата колешка, а сега претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
„Кога била во право претседателката Гордана Сиљановска-Давкова или науката молчи и ја наведнува главата пред политиката“,
рече Дамева.

Таа се осврна на нејзината работа на реформите во судството врз основа на извештајот на Оценската мисија на Европската Унија, за што кажа дека била многу горда и оти смета дека тоа е единствениот начин на кој може да се подобри состојбата во судството.
„Проблемот нема да се реши со интерпелацијата, на ваков начин само се продлабочува проблемот и се прави опасен преседан кој ќе има далекусежни последици и по судството и по државата“,
рече членката на Судскиот совет.
На крајот од своето обраќање таа кажа дека знае оти ќе биде омалуважувана и критикувана и оти нема да има можност да реплицира затоа што има седница на Судскиот совет, но побара од пратениците да имаат барем доблест да го поштедат нејзиното семејство од навреди.
Од владејачкото мнозинство нејзиното обраќање го оценија како политички говор и побараа од неа да остане бараме еден час за да можат да ѝ постават некои прашања, а кои произлегуваат од работат на Судскиот совет.