Пратеникот и потпретседател на Собранието практично ја осуди неодамнешната изјава на поранешниот претседател Стево Пендаровски во која претседателот на САД, Доналд Трамп, го нарече трансакционен претседател. Вели дека таквата изјава на експретседателот е надвор од стратегиското сојузништво меѓу Македонија и САД и побара раководството на СДСМ да се огради од ставот на Пендаровски
Македонија има многу добра позиција да ги задржи своите силни економски партнерски односи со Европската Унија, а истовремено да го продлабочува стратешкото партнерство со САД, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, во интервју за ТВ Сител.

Говорејќи за позицијата на земјава во поглед на надворешната политика, Милошоски вели дека евроатлантското сојузништво е поврзано со многу нишки.
„Може да има апсурдни разлики, но површна дилема дали си за Европа или си за Америка, или обратно, ако си за Америка – тогаш си против ЕУ. Напротив, сметам дека Македонија има многу добра позиција да ги задржи своите силни економски партнерски односи со ЕУ, а истовремено да го продлабочува стратешкото партнерство со САД“,
изјави Милошоски во интервјуто за Сител.
На прашањето дали, сепак, коспонзорирањето на резолуцијата на САД за Украина и воздржаното гласање на резолуцијата поднесена од Европската Унија може да се смета за заземање страна, Милошоски вели дека во случајов земјава зазела страна и, според него, направила правилен избор поради самиот исход на резолуцијата.
„Оваа резолуција имаше позитивен исход и го помина филтерот на Советот за безбедност на Обединетите нации, каде што членуваат Франција, Британија со право на вето, а како непостојани земји членки се Грција, Словенија и Данска. Сите гласаа воздржано кога оваа резолуција помина во Советот за безбедност, што значи дека Македонија направила успешен потег. На крајот на краиштата, ние сме за постигнување мир по три години војна, во интерес на Украина, во интерес на целиот европски континент и во интерес на давање шанса на дипломатијата“,
изјави Милошоски.
Тој практично ја осуди неодамнешната изјава на поранешниот претседател Стево Пендаровски во која претседателот на САД, Доналд Трамп, го нарече трансакционен претседател. Вели дека таквата изјава на експретседателот е надвор од стратегиското сојузништво меѓу Македонија и САД и побара раководството на СДСМ да се огради од ставот на Пендаровски.
„Не е работа на македонските актуелни или поранешни претседатели да дисквалификуваат еден демократски избран претседател во Америка. Ние сме имале и од претходните избори на претседатело во Америка можеби некои забелешки или посимпатични или подалечни политички идеолошки фигури, но никој не направил ваков кикс како поранешниот претседател Пендаровски“,
додаде Милошоски.