Реакцијата доаѓа откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи да се соберат 800 милијарди евра за финансирање на планот за повторно вооружување на Европа
Кремљ денеска ја критикуваше Европската Унија за „конфронтирачката реторика“ на вонредниот самит на ЕУ во Брисел, каде што Унијата воспостави план за значително зајакнување на своите способности за одбрана од Русија.
„Гледаме дека ЕУ активно разговара за милитаризација. Внимателно го следиме тој процес бидејќи ЕУ ја позиционира Русија како главен непријател“,
изјави Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.
Тој рече дека конфронтирачката реторика е спротивна на потрагата по решение за војната во Украина.
„Тоа потенцијално може да биде предмет на наша длабока загриженост и може да предизвика потреба од преземање соодветни мерки за одмазда за да се обезбеди нашата безбедност“,
рече Песков одговарајќи на прашање за плановите на ЕУ за зајакнување на одбранбената индустрија.
Неговите изјави доаѓаат откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи да се соберат 800 милијарди евра за финансирање на планот за повторно вооружување на Европа. Лидерите на ЕУ ја поддржаа идејата на вонреден самит во Брисел, а дел од средствата треба да се насочат и за воено снабдување на Украина.
