Информацијата дека компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија преку јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Таравари претходно ја потврди за БИРН
Владата нема донесено одлука која фирма ќе управува со паркингот во Клиничкиот центар Скопје и не знам од каде е информацијата дека тоа е албанската „Ѓока констракшн“. Тоа е измислица за да се напаѓа Владата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека при изборот на фирма што преку јавно-приватно партнерство ќе гради и ќе управува со паркингот во Клинички центар во Скопје ќе се земат предвид бонитетот и кредибилитетот на компанијата.
„А што ќе земеме предвид? Предвид ја земаме тендерската спецификација и, се разбира, фирма што нема кредибилитет, нема бонитет ниту, пак, технички карактеристики, нема да биде избрана и тука сето тоа завршува. Бидете сигурни. Јас разбирам дека има потреба од сензација, напад кон Владата, но оваа влада работи поинаку од досегашниот принцип, односно одлуките кои оваа влада ги носи се исклучиво во интерес на граѓаните и нема да биде поинаку. Така што, бидете сигурни дека секоја одлука којашто ја носи оваа влада е исклучиво во интерес на граѓаните. Ако ние бараме начин како да ја напаѓаме владата за нешто што не се случило, тогаш можеме и да измислуваме работи. Но јас ви кажувам дека таква одлука нема донесено Владата“,
рече Мицкоски при денешната посета на населбата Драчево во Општина Кисела Вода, во одговори поврзани со албанската компанија.
Во врска со прашањето за јавно-приватно партнерство за паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, министерот за здравство Арбен Таравари претпладнево изјави дека договорот ќе биде потпишан доколку по првичната помината процедура помине уште неколку филтри.
„Договорот не е потпишан. Паркингот на Клиничкиот центар секогаш прави нервоза. Секогаш ми значи мислењето на јавноста, таа што ќе каже, ако ми кажат дека не е нешто во ред, но и ако од Владата кажат дека има одредени пропусти, нема да имаме ништо. Ќе го поништиме тендерот, ќе објавиме нов, но само ќе изгубиме една година“,
рече Таравари на прес-конференција од посетата на Клиниката за инфективни болести.
Таравари појасни дека рокот за стопанисување со паркингот не е 20 години, како што е предвидено со физибилити студијата и нема да биде повеќе од седум до 10 години. Рокот за изградба на монтажните катни гаражи доколку биде потпишан договорот, како што рече, најверојатно е шест месеци до една година.
Информацијата дека компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија преку јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Таравари претходно ја потврди за БИРН.
На огласот, кој беше распишан на 15 ноември, се јавила само „Ѓока констракшн“. Компанијата е формирана во Тирана во 1994 година, од 2022 има регистрирано подружница и во Скопје.
Како што објави „360 степени“, во огласот се превидува приватниот партнер да изгради две катни монтажни гаражи, да стопанисува со целиот паркинг на Клинички, а за возврат државата да добие еден отсто од вкупните остварени годишни приходи.
Владата на седница во август минатата година донесе одлука да се градат монтажни катни гаражи на Клиничкиот центар со јавно-приватно партнерство и формираше Комисија за спроведување на постапката.
Сега со паркингот на Клинички стопанисува ЈП „Градски паркинг“ Скопје.
