Во оваа смисла претседателот на Саборот на Хрватска, Гордан Јандроковиќ, порачал оти заканата со вето од соседите мислејќи на Бугарија – не е фер – и додал оти Хрватска ќе остане верен пријател со големо разбирање и поддршка за земјава
Хрватска може многу да ни помогне со научените лекции во процесот на интеграцијата во Европската Унија (ЕУ), порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за време на средбата со претседателот на Саборот на Хрватска, Гордан Јандроковиќ, кој е во официјална дводневна посета на земјава.

За време на средбата се потсетиле на заедничките почетоци во евроинтегративниот процес пред дваесет години, но со целосно различен исход за двете земји. Оттука, претседателката истакнала дека хрватското искуство на патот кон Европската Унија е релевантна лекција за нас.
„Претседателката ја истакна нашата готовност да се фатиме во костец со копенхашките предизвици, доколку не бидеме заглавени во бесмислените билатерални спорови, што се реална закана не само за нас и регионот, туку и за проширувањето на ЕУ“,
објавија од кабинетот на Сиљановска-Давкова информирајќи за средбата.

Во оваа смисла Јандроковиќ порачал оти заканата со вето од соседите, мислејќи на Бугарија, не е фер – и додал оти Хрватска ќе остане верен пријател со големо разбирање и поддршка за земјава.
„Претседателката и претседателот на хрватскиот Сабор ја потенцираа грижата за македонското малцинство во Хрватска и хрватското во Македонија, коишто прераснале во цврсти мостови на заемна доверба и соработка. Средбата заврши со согласност да продолжат, да се прошират и продлабочат македонско-хрватските односи во сферата на политиката, економијата, културата, туризмот и спортот“,
додаваат од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Претседателката испратила поздрави до претседателот на Хрватска, кого го очекува во државна посета во мај.