„Нека направи премиерот Мицкоски за албанскиот јазик половина од тоа што јас имам направено за македонскиот јазик, Албанците ќе му бидат многу благодарни, но уште поважно, нека не го загрозува тоа што други пред него го направиле“, вели потпретседателот на ДУИ
За меѓународна афирмација на македонскиот јазик имам повеќе направено отколку кој било од нив, вели потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, одговарајќи на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој коментирајќи изјава на Османи дадена во телевизска емисија, рече дека човекот што преговарал и го распродавал македонски идентитет и македонскиот јазик има најмал кредибилитет да зборува, зашто ако тој него не го почитува, не го почитува ни својот албански јазик.

Претходно, во изјава за ТВ 21, Османи вчера рече дека на повидок е длабока политичка криза во државата доколку не се врати „балансерот“ и ако со одлука на Уставниот суд се загрози употребата на албанскиот јазик. Во тој случај, како што рече потпретседателот на ДУИ, во услови на политичка криза, нема да има ниту локални избори.
„Македонскиот јазик е прифатен во ЕУ и Преговарачката рамка без никаква фуснота. Потпишан е првиот договор со ЕУ каде се оризнава македонскиот јазик (ФРОНТЕКС). Нека направи премиерот Мицкоски за албанскиот јазик половина од тоа што јас имам направено за македонскиот јазик, Албанците ќе му бидат многу благодарни, но уште поважно, нека не го загрозува тоа што други пред него го направиле“,
напиша Османи на Фејсбук.
Премиерот прашан да ја коментира изјавата на Османи, рече дека со неа тој директно се меша во правосудниот систем, што, како што вели, е спротивно од демократиите во современото општество, а уште повеќе на европските демократски вредности.
„Морам да кажам дека утрово разговарав со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски којшто разговараше со, би рекол, голем дел од претставниците на меѓународната заедница во и надвор од државата. Дел од нив рекоа дека и лично разговарале со претставници на ДУИ и дека ова кај нив предизвикало многу негативни емоции и големо разочарување бидејќи еден од основните постулати во демократијата е немешање во правниот поредок на една суверена демократска држава“,
рече Мицкоски.
Најавата на опозициската ДУИ за бојкот на локалните избори и предлогот за одржување предвремени парламентарни избори, според Мицкоски, е одраз на стравот и паниката која, како што рече, се гледа од коментарите на челниците на Демократската унија за интеграција.