„Можеби е подобро да бидеме во полн состав за да секој да го каже своето мислење по оваа точка“, рече членката на Советот на јавни обвинители Марјана Илиеска, чиј предлог беше прифатен од останатите нејзини колеги
Молбата на обвинителката Наташа Крстевска-Цалева со која таа бара да биде повлечена од раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје, додека трае постапката против суспендираниот шеф на ова Обвинителство, Мустафа Хајрулахи, иако требаше денеска, ќе се разгледува на некоја од наредните седници на Советот на јавните обвинители.

Нејзиното барање, што таа го достави на почетокот на минатата недела, беше трета точка од дневниот ред на денешната седница. Но, веднаш откако претседателката на Советот на јавните обвинители, Душица Димитриеска, ја отвори расправата по неа, нејзината колешка и членка на ова тело, Марјана Илиеска, излезе со предлог. Расправата и одлучувањето по оваа точка да биде одложено затоа што на седницата не се присутни двајца членови на Советот – Јелена Догазанска-Колева и Кети Петкова.
Аргументот за ваквиот предлог на Илеска беше дека Советот, кога одлучил да ја назначи Крстевска-Цалева за раководител на скопското Вишо јавно обвинителство, тоа го направил во полн состав, со гласовите на сите членови. Па во таа насока, Илеска смета дека и расправата и одлучувањето по барањето за повлекување од функцијата треба да биде донесена кога Советот ќе биде во полн состав.
„Можеби е подобро да бидеме во полн состав за да секој го каже своето мислење по оваа точка“, рече Илиеска.
Поддршка на овој нејзин предлог дадоа неколкумина од нејзините колеги, по што на крајот беше одлучено оваа точка да биде одложена за друг датум.
Членката на Советот, Светлана Стојковиќ, кажа дека иако имала подготвено свој став во врска со барањето на Крстевска-Цалева, сепак ќе се придружи на предлогот за тоа да се одлучува на друга седница.
Ваквата одлука, во изјава за медиумите по завршувањето на седницата, кратко ја образложи и претседателката на Советот на јавните обвинители, Душица Димитриеска. Таа ги наведе истите аргументи кои беа кажани на седницата.
„На денешната седница беше донесена таква одлука да оваа точка од дневниот ред биде разгледана на друг датум со оглед на тоа што двајца членови на Советот не беа присутни од оправдани причини на денешната седница, а одлуката со којашто е назначена да раководи јавната обвинителка со Вишото јавно обвинителство Скопје беше едногласно донесена од сите членови на Советот. Од тие причини треба да бидеме во полн состав за да ја донесеме и одлуката по барањето“, рече Димитриеска.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека во меѓувреме Крстевска-Цалева ќе остане да раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје затоа што Советот одлучи таа да биде на оваа функција, додека трае суспензијата на вишиот јавен обвинител Хајрулахи.
Категорично „не“, беше одговорот на Димитриеска на прашањето дали Советот на јавни обвинители во меѓувреме размислува за некој друг кандидат кој бил назначен да раководи со ова обвинителството доколку Советот одлучи да го прифати барањето на Крстевска-Цалева.

Обвинителката во Вишото јавно обвинителство Скопје, Наташа Крстевска-Цалева, за раководител на ова јавно обвинителство едногласно беше избрана од Советот на јавните обвинители на 10 февруари, на предлог на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Нејзиното назначување дојде по суспензијата на шефот на скопското јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран од функцијата и против кого се води кривична и дисциплинска постапка.
Но, седум дена подоцна, односно на 17 февруари, таа до Советот испрати допис насловен „Молба, барање“, со кој бара да биде ослободена од оваа обврска.
Причини за ваквото нејзино барање што таа ги навела во дописот, а кои на претходната седница ги соопшти претседателката на Советот на јавните обвинители, биле срочени во една реченица.
Имено, обвинителката навела дека бидејќи од скоро време е во Вишото јавно обвинителство и сака да се посвети на предметното работење, бара да биде ослободена од обврската за раководење со ова обвинителство и неа да ја преземе друг обвинител.
Прашан за коментар на барањето на Крстевска-Цалева, републичкиот јавен обвинител по минатонеделната седница за медиумите изјави дека таа била назначена на негов предлог сметајќи дека ќе придонесе за нормализирање на меѓучовечките односи во ВЈО Скопје, кои, како што кажа, се нарушени.
Прашан дали можеби има други причини за нејзиното барање, како политички притисоци, Коцевски рече дека за нејзиниот допис дознал денеска на седницата и оти бил изненаден.
„Мене таа не ми има кажано ништо. Денеска дознав и бев изненаден”, рече Коцевски, кој беше присутен и на денешната седница, но не даваше изјави по нејзиното завршување.
Инаку, еден ден по назначувањето на Крстевска-Цалева за раководител на ВЈО Скопје, владината портпаролка Марија Митева соопшти дека Владата на седницата одржана истиот ден (11 февруари) го задолжила Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Меѓу аргументите за донесената одлука, покрај последниот извештај на „Транспаренси интернешнл“ за перцепцијата на корупција, Митева го наведе и, како што рече, последното именување на вршител на должноста шеф на Вишото јавно обвинителство, односно назначувањето на Крстевска-Цалева, одлука која, како што тогаш кажа Митева, според Владата била незаконска.
На наводите на Владата реагираше самиот државен јавен обвинител кој во писменото соопштение кажа дека воопшто не е избран вршител на должност, како што вели Владата, туку раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје – нешто што се случувало и во минатото. Законот за јавно обвинителство пропишува дека има неколку „патишта“ по кои може да се отпочне процедура за предвремено разрешување на државниот јавен обвинител. Освен што треба да постои тешка дисциплинска повреда или членство во партија, сите модуси за разрешување предвидуваат дека и Советот на јавни обвинители треба да даде мислење за таква иницијатива.