Сите портали кои ќе сакаат да се идентификуваат како медиуми ќе мора да влезат во регистар кој би требало да го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. А за да се влезе во регистарот, порталот ќе мора да има издавач кој може да биде и фирма и невладина организација, но регистрирана за дејноста. Потоа, порталот мора да има .мк или .мкд домен и најмалку тројца вработени
Забелешка за барањето за најмалку тројца вработени веќе изразуваат регионалите и локални портали. Не се финансиски доволно моќни за да имаат тројца редовно вработени. Извесно е и дека весниците, радиостаниците и другите медиуми кои имаат друга публикација освен интернет портал, ќе мора да отворат нови фирми само за порталите. Од ваква обврска ослободени се само телевизиите
Проценките се дека во светот ги има над една милијарда, додека за земјава нема ни груба бројка – колку интернет-страници се издаваат.
Но, слично за домашните и за странските е што просторот во кој функционираат е главно нерегулиран. А тој нерегулиран простор со годините стана еден од главните извори на информации. Повеќето граѓани што „360 степени“ ги анкетираше рекоа дека повеќе се информират од интернет, отколку од телевизија.
Информативните интернет-портали не се препознаени како медиуми во македонското законодавство. Ниту, пак, е дефинирано што е интернет-портал и покрај тоа што овие публикации повремено добиваат пари од државата, како на пример, за политички реклами за време на избори.
Владата, преку Министерството за дигитална трансформација подготви нацрт-измени на Законот за медиуми во кои „360 степени“ имаше увид. Со нив, покрај весниците, радијата и телевизиите, како медиум треба да бидат препознаени и порталите, наречени онлајн медиуми-интернет портали.

Со измените, првпат се пропишува за издавач на медиум да се смета правно или физичко лице кое врши комерцијална или непрофитна дејност на публикување информативни, образовни и информативни содржини преку онлајн медиуми – интернет портали. Но, има услови:
„Доколку има впишано дејност во Централниот регистар на Република Северна Македонија, има седиште и уредништво во Република Северна Македонија и на свое име има регистрирано македонски .мк или .мкд интернет домен“, пишува во предлог-изманите.
Тоа значи дека сите ентитети што имаат повеќе од еден производ, на пример – весник и портал, најверојатно ќе треба да регистрираат посебно правно лице за порталот. Сигурно е само дека исклучок од ова правило се телевизиите. За нив пишува дека можат да бидат издавач на онлајн медиум-интернет портал без да ја впишат дејноста во Централниот регистар.
Сите овие услови, плус уште еден, онлајн медиумот–интернет портал да има најмалку тројца вработени, ќе мора да бидат исполнети за впишување во Регистарот на издавачи на онлајн медиуми–интернет портали. Регистарот ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Од Министерството за дигитална трансформација велат дека идејата за законски измени потекнува од Здружението на онлајн-медиуми, невладина организација создадена од неколку интернет-портали.
Целта, велат од владиниот ресор, е да се воспостават законски права и обврски за интернет-порталите со што би биле заштитени и нивните редакции и публиката. Но, потенцираат, тоа нема да значи дека ќе се затворат порталите кои нема да ги исполнат условите.
„Законот предвидува опција и да не се регистрираат односно не може на онлајн-медиум да му се забрани да дејствува. Со ова се поттикнува поголема професионализација и препознавање на онлајн-медиумите како такви, дека се придрживаат до одредени професионални стандарди, без притоа да имаат обврска кон оние што не сакаат да бидат дел од тој регистар“, вели Мирослав Гроздановски – Министерство за дигитална трансформација.

Или, клучното во измените всушност е создавање на Регистар на онлајн медиуми – интернет портали, кои ќе се сметаат за професионални.
„Првично, откако се усогласија со сите засегнати страни што не се дел од органите на државната управа, влегоа во владина постапка. Се усогласија со сите институции и сега во крајна фаза е усогласувањето со Секретаријатот за законодавство, повеќе се работи од технички аспект, но секако и усогласеност со други закони и евентуално противречности. Се очекува да се усвојат од Владата во следните две-три недели“, додава Гроздановски.
Убавка Јаневска е главен и одговорен уредник на интернет-порталот „Дума“ со седиште во Велес кој најчесто обработува теми од Вардарскиот регион. Таа смета дека условот со кој се бара минимум тројца вработени за да се влезе во регистарот, ќе биде проблем за сопствениците на помали портали.
„Тоа ќе биде многу тешко за локалните или регионалните бидејќи во моментов ние имаме суштествен проблем да се одржиме. Всушност, да обезбедиме финансиски средства за двајца вработени и исто така да ги обезбедиме средствата што ни се потребни за да ги подмириме комуналиите, интернетот и телефонот“, вели Убавка Јаневска – интернет-портал „Дума“.

Јаневска вели дека ваквиот услов води кон нивно откажување од професијата.
„Особено имајќи ја предвид последната анализа што ја направи ССНМ (Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници) каде што детектираше медиумски пустини во нашата држава. Цели едни подрачја во коишто нема локален медиум и нема локална информација. Значи, граѓаните не знаат што се случува. Ако дописниците направат по некој прилог па тоа се емитува на националните телевизии“, вели Јаневска.
За критиките од локалните и регионалните портали и опасноста од нивно згаснување, од Министерството велат дека предлогот за тројца вработени е еден вид компромис.
„Ние го објавивме законот на ЕНЕР и добивме и такви мислења, но добивме и обратно каде што, пак, се бараат и повеќе вработени за да се поттикни поголема професионалност на медиумите. Така што, мислам дека бројката од тројца за регистрирање во овој регистар во АВМУ беше една средина помеѓу тие два моста“, рече Гроздановски.
Во Здружението на интернет-портали се задоволни од подготвените законски измени. Велат дека порталите повеќе нема да бидат во „сива зона“, иако потенцираат дека и сега голем дел функционираат според професионални стандарди.
„Ќе стигнеме до момент каде што секој што сака да работи како портал односно медиум во светот на интернет-порталите, ќе мора да биде регулиран од аспект да има компанија, да има управител, да има седиште, вработени, импресум, истакнат ценовник итн. Да се почитуваат некои правила и норми како за секој останат медиум, дали е телевизија, радио или печатен медиум, сеедно. Да бидеме и ние во тој контекст со тоа што се надеваме дека масовното отворање на интернет-портали, како наједноставно во моментов делување во условен бизнис, да го намалиме со тоа што ќе се регулираат“, смета Владимир Кошевалиски – претседател на Здружение на интернет-портали.

Сметаат дека ова не е битка што е завршена и дека има уште две точки на кои треба да се работи. Едната е измени во Законот за авторски права за новинарскиот труд да биде заштитен од крадење. Втората е државна поддршка за професионалните интернет-портали.
„Тие што ќе се регулираат да можат да добиваат некакви субвенции од државата за кои ние сè уште работиме на предлозите, секако со луѓе од Владата. Константно сме во некакви разговори за тоа како може Владата да му помогне на овој сектор во медиумскиот дел“, додава Кошевалиски.
Регулирањето на интернет-порталите ја отвора и вратата за поголема контрола на трошењето државни пари за платено политичко рекламирање за време на изборните кампањи, со оглед дека рекламите на партиите ги плаќа државата преку Државната изборна комисија.
Иако тоа никој не го кажува во оваа фаза, извесно е дека во иднина само порталите од регистарот ќе можат, на пример, да се пријават за политичко рекламирање за време на избори, кое се плаќа од државниот буџет.