На второ место по бројот на гласови е десничарската Алтернатива за Германија (АфД) на лидерката Алис Вајдел, која доби 20,5 отсто од гласовите и 141 место во германскиот парламент, додека социјалдемократите на Олаф Шолц се на трето место со 16,5 отсто од освоените гласови, што им носи 114 пратенички места
Според последните прелиминарни резултати од парламентарните избори во Германија, најмногу гласови освоиле демохристијаните на Фридрих Мерц (ЦДУ/ЦСУ), за кои гласале 28,52 отсто од избирачите, што им носи 208 места во Бундестагот, објави весникот „Билд“.
На второ место по бројот на гласови е десничарската Алтернатива за Германија (АфД) на лидерката Алис Вајдел, која доби 20,80 отсто од гласовите и 152 местa во германскиот парламент, додека социјалдемократите на Олаф Шолц се на трето место со 16,41 отсто од освоените гласови, што им носи 120 пратенички места.
Според последните прелиминарни резултати, Зелените освоиле 11,61 отсто од гласовите, што им дава 85 места во германскиот парламент, a Левицата освоила 8,77 отсто од гласовите и 64 пратенички места.
Шолц најави дека нема да биде дел од преговорите за новата влада
Германскиот канцелар Олаф Шолц соопшти дека нема да биде во идната германска влада, ниту ќе учествува со Социјалдемократите (СПД) во преговорите за нејзиното формирање, кои би ги воделе демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ).
„Ако има разговори, на пример меѓу СПД и ЦСУ, јас нема да бидам преговарач во име на СПД“, изјави Шолц за ЗДФ.
Тој нагласи и дека нема да биде претставник на СПД во влада предводена од ЦДУ, ниту пак ќе преговара за тоа, објави Дојче веле.
Лидерот на германските конзервативци Фридрих Мерц, изрази подготвеност брзо да формира ефикасна влада, јави ДПА.
„Свесен сум за одговорноста“, изјави Мерц вчера пред своите поддржувачи во Берлин, тврдејќи дека има јасен мандат да ја предводи следната германска влада.
Мерц нагласи дека е свесен за големината на задачата што го очекува.
„Знам дека нема да биде лесно. Светот не чека на нас“, рече тој, додавајќи дека Германија не смее да губи време во формирањето на новата влада.
Тој му се заблагодари на лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, за изборната соработка и им оддаде признание на своите политички конкуренти.