Заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, членот на ИО Рената Дескоска, меѓународниот секретар Бојан Маричиќ и носителот на кандидатската листа во ИЕ1 Никола Димитров, денеска во седиштето на СДСМ одржаа дипломатски брифинг со амбасадорите и претставници на амбасадите на државите членки на ЕУ, на Обединетото Кралство, САД, ЕУ и ОБСЕ.

Како што соопштија од СДСМ, на брифингот се разговарало за мерките кои се преземаат за справување со пандемијата и организација на предвремени парламентарни избори во најскоро време.
„Нашите претставници истакнаа дека за СДСМ остануваат приоритетите за заштита на здравјето на граѓаните, рестартирање на новата македонска економија, зајакнување на демократијата и демократските институции. Претставниците на СДСМ ги запознаа дипломатите со напорите за справување со кризата и за планот за нормализација на животот во државата согласно новите услови“,
се вели во партиското соопштение.
Притоа, претставниците навладејачката партија укажале на цврстата определба да се почитуваат Уставот и законите и изборите да се одржат, како што се вели, согласно роковите од 22 дена по завршување на вонредната состојба.
