Тестот треба да биде направен најрано 72 часа пред влегување на територијата на земјата, соопшти Владата
Македонските државјани вратени од странство со хуманитарни летови или конвои и сите кои влегуваат на територијата на нашата земја, доколку приложат ПЦР тест за ковид-19 направен во последните 72 часа пред да влезат на територијата на Република Северна Македонија, наместо во задолжителен државен карантин, ќе одат во задолжителна домашна самоизолација.
Оваа одлука ја донесе владата вечерашнта седница, изменувајќи ја ја досегашната Одлука за спроведување на задолжителен државен карантин.
„Задолжителна домашна изолација се определува и за странци за кои Главниот координативен кризен штаб одлучува во случаи на постоење на државен или економски интерес, и кои ќе приложат соодветна медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, со задолжително придржување до протоколите од Комисијата за заразни болести“,
се вели во соопштението од Владата.
Министерството за здравство е задолжено, во соработка со Генералниот секретаријат на Владата, да подготви предлог-модел за начинот на кој би се извршувал ПЦР тестот за лицата кои се во државен карантин за да се утврди на кои лица, доколку покажат негативен резултат, би можел да им се скрати престојот во задолжителната изолација, соопштија од Владата.
