„Ова е предупредување што не може да се игнорира. Време е за мудра и брза акција, за да се спречи враќањето на практиките од минатото кои произведоа само поделби, несигурност и дестабилизација“, порачуваат од опозициската партија
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска преку писмено соопштение обвини дека во земјава се случува етничко исклучување на Албанците од безбедносните и разузнавачките служби што, според партијата, може да има драматични последици.

По првпат од 2001 година, велат од ДУИ, на ниту една раководна позиција – директор, заменик-директор или помошник-директор во трите клучни безбедносни агенции, односно Агенцијата за разузнавање (АР), Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Военото разузнавање, нема припадник на албанската етничка заедница.
„Со длабока загриженост и целосна одговорност за стабилноста на државата и регионалната безбедност, јавно го осудуваме невиденото етничко исклучување што се случува во безбедносните и разузнавачките структури во Северна Македонија“,
се вели во соопштението од партијата на Али Ахмети.
Оттаму велат дека ова, според нив, масовно исклучување на Албанците не е само чин на дискриминација, туку намерно и добро осмислено исклучување.
Целта, како што велат од ДУИ, не е само маргинализацијата, туку и оживување на, како што наведуваат, опасниот менталитет кој со децении ја перципираше албанската популација како внатрешен непријател.
„Веродостојните информации што зборуваат за масовно вработување на десетици, ако не и стотици, неалбанци на клучни позиции во тајните служби се доказ дека ова не е обичен административен процес, туку стратегија за претворање на безбедносните агенции во инструменти за политичка и етничка контрола, со што темелно се поткопуваат принципите на еднаквост и правична застапеност“,
велат од ДУИ.
Оттаму упатуваат итен повик до НАТО, Европската Унија (ЕУ) и сите меѓународни фактори кои ги познаваат безбедносните динамики на Балканот, да интервенираат веднаш и да не дозволат, како што велат од ДУИ, ова чистење да помине во тишина.
Според партијата од Мала Речица, систематското исклучување на Албанците од безбедносните структури не е само удар врз одредена заедница, туку е директна закана за стабилноста, меѓуетничката кохезија и евроатлантската ориентација на Северна Македонија.
Последиците од овој, според ДУИ, неодговорен пристап може да бидат драматични и постепено да ја вратат недовербата на Албанците кон државата, а особено кон безбедносните структури.
„Ова е предупредување што не може да се игнорира. Време е за мудра и брза акција, за да се спречи враќањето на практиките од минатото кои произведоа само поделби, несигурност и дестабилизација“,
порачуваат од ДУИ.
Инаку, ДУИ изминатиот период, исто така преку соопштија и јавни обраќања, излезе со обвинувања за исклучување на припадниците на албанската етничка заедница и од други државни и јавни институции.
Кон крајот на јануари од партијата реагираа дека во советничкиот тим на премиерот Христијан Мицкоски нема речиси ниту еден Албанец, наведувајќи дека Владата продолжува со создавање на зони без Албанци во државните институции.
Половина месец претходно, партијата која по децении учество во извршната власт по изборите лани се најде во опозиција, обвини дека директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновски, води дискриминаторска политика со цел, како што рекоа, потчинување и исклучување на Албанците од институцијата со која раководи.