Исламската верска заедница (ИВЗ) обвини дека Министерството за внатрешни работи врши притисок преку влегување во џамиите низ целата држава, особено во Скопје и околината. Ова вчера го соопшти поглаварот на ИВЗ на својата фејсбук-страница. Тој додава дека имаат писмени изјави од имами и верски работници за вршени полициски контроли во џамиите, по повод чествувањето на претстојниот верски празник Бајрам.
Од МВР велат дека обвинувањата се паушални и дека тие ниту имаат надлежност ниту, пак, се обидувале да наметнат влијание врз верски старешини во верски установи, туку своето работење го темелат исклучиво врз пропишаните законски норми и Уставот.
„Во актуелниот момент на вонредна состојба на ниво на целава земја предизвикана од пандемијата со коронавирусот, Министерството за внатрешни работи покрај постапување во делот на почитувањето на донесените владини мерки, уредби и препораки за заштита на здравјето и животот на сите граѓани на нашата држава, особено внимание посветува и на превентивното дејствување“,
информираат од МВР.
Тие велат дека во оваа ситуација станува збор за редовна полициска активност со цел доследно спроведување на мерките и препораките на Владата на Република Северна Македонија.
„Таквото полициско дејствување пред сè на локално ниво, во локалните заедници, било и ќе биде наша редовна и секојдневна обврска, а во рамки на концептот на полицијата како сервис на граѓаните, граден децении наназад со нашите партнери од ОБСЕ и ЕУ“,
велат од МВР.
