Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, отпорот кај граѓаните кон уставните измени за почеток на преговорите со ЕУ, како и појавата на евроскептицизам, се должи на тоа што во самата ЕУ постои неизвесност и Унијата нема стратегија за проширување, а тоа, како што вели, може да се забележи и од самите изјави на европските функционери
Македонија досега неколкупати има направено уставни измени, а ЕУ ветувала дека таквите уставни измени ќе ја приближат Македонија кон преговорите за членство и кон самото членство, но очигледно е дека не ги исполнила своите ветувања и би било наивно да се прават уставни измени за да ни се случи уште едно неисполнето ветување.

Ова денеска го изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и поранешен министер за надворешни работи на земјава, Антонијо Милошоски, прашан за овие позиции на Владата во контекст на пораките од Минхенската безбедносна конференција, како и за тоа дали ќе се инсистира на ова или ќе се бара ново решение за напредок во процесот на евроинтеграциите, кои засега остануваат блокирани.
Милошоски е на став и смета дека уставните измени со одложено дејство се рационален аргумент што би можел да биде поттик Македонија „стварно да се интегрира, Бугарија да не блокира, а Европската Унија да го менаџира тој процес до конечната цел.
Според него, отпорот кај граѓаните кон уставните измени за почеток на преговорите со ЕУ, како и појавата на евроскептицизам, се должи на тоа што во самата ЕУ постои неизвесност и Унијата нема стратегија за проширување, а тоа, како што вели, може да се забележи и од самите изјави на европските функционери.
Најавите од премиерот Христијан Мицкоски за барање гаранции од Вашингтон, Брисел и Софија и неговите изјави за време на Минхенската конференција, како и оние на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, според Милошоски, се рационална позиција на Македонија. Вели дека прашањето е не само како ќе се започне процесот на преговори, туку многу е важно и неговото завршување.
„Преземената обврска од претходната Влада, доколку има можност да се менаџира би било рационално таа да се менаџира со предвидливост на патот до конечната цел, а тоа се европските интеграции, бидејќи како што гледаме во Македонија постои реално оправдана разочараност од односот на Европската Унија. Имавме веќе еднаш уставни измени за името, каде што земјите членки на ЕУ ветуваа дека ќе ги отворат портите за Македонија за следната година да имаме блокада од Франција, а година потоа да имаме блокада од Бугарија. Сметам дека ваквите лоши искуства се доволни силни аргументи Македонија со право да побара одредена извесност за патот кон Европската Унија, бидејќи гледаме дека ЕУ не говори со еден глас, нема сериозна визија за Западниот Балкан и времетраењето на зачленувањето и проширувањето на Унијата со овие земји“,
изјави Милошоски, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната презентација на истражувањето на невладината Институт за демократија „Социетас цивилис“-Скопје“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“ за перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција.
Прашан за изјавата на еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во Минхен, дека мора да се зајакне процесот на проширување, Милошоски рече дека од нејзината изјава дека овој состав на Европската комисија сака да ги заврши преговорите со две до три држави од Западен Балкан е индикатор дека во самата Европска Унија нема консензус за тоа дали, кога и до кое ниво ќе се случи следното проширување и дали воопшто ќе има нови полноправни членки.
„Гледам дека тоа стана една фраза која често се повторува, а на дело немаме сериозни геополитички одлуки што би значело проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан. Ако ја гледате нејзината изјава внимателно, таа спомна дека би можеле една, две или три членки да бидат завршени со преговорите, но не спомна дека тие земји членки би можеле да станат полноправни членки на Европската Унија, што е индикатор дека во самата ЕУ нема консензус за тоа дали, кога и до кое ниво ќе се случи следното проширување и дали воопшто ќе има нови полноправни членки со свој комесар, со свои европратеници и со свое право на вето“,
рече Милошоски.
Во однос на најавената посета на премиерот Мицкоски на САД, пратеникот рече оти претседателот на Владата таму ќе оди на покана на републиканската партија и оти очекува САД како наш стратешки партнер да даде поттик за проширувањето на Европската Унија.
„Премиерот ќе отпатува во Вашингтон на покана на конзервативната партија на републиканците, кои ќе имаат нивна конвенција и таму ќе има свое обраќање. Се надевам дека тоа ќе го искористи и за одредени контакти и сметаме дека е во интерес и на Америка, како земја со која имаме потпишано договор за стратешко партнерство, да даде поттик на Европската Унија дека проширувањето може да ја направи ЕУ порелеватен играч за европските текови и на глобално ниво“,
вели Милошоски.
