Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека е точно дека имал разговор со надлежно лице вработено во Министерството за внатрешни работи, а е поврзан со снимките од фитнес-салата.
Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, во гостување во „Отвореното студио“ на ТВ 24, рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, барал случајот со фитнес-салата да се реши побрзо. Нема потреба, порача таа, тој да врши притисок.
Мицкоски денеска рече дека побарал да се почитува законот и побрзо да се реши случајот со цел македонската јавност да биде точно запознаена со вистината.
„Откако го добив бројот од надлежното лице, му пратив порака со содржина: ’Здраво, би сакал да се слушнеме, Христијан Мицкоски‘ И таа порака јас ја чувам. Потоа, конкретното лице ми се јави и го замолив сѐ да биде според закон и побрзо да се реши овој случај. Бидејќи сметам дека сум следен, прислушуван, еве ги охрабрувам да го објават разговорот и македонската јавност да ја слушне вистината“,
рече Мицкоски.
Според него, откако излезе снимката на која се гледа дека тој спортува во фитнес-сала, во јавноста излегле, како што вели, многу конструкции и шпекулации.
„Јас сум јавна личност и очекувано е да има конструкции од политичките противници. Но, јас барам луѓето кои земаат плата од овој народ да ја кажат вистината“,
додаде Мицкоски.
Тој рече дека е прислушуван и следен и побара разговорот да биде јавно објавен.
„Нема да тужам никого, ниту човекот со кого разговарав, ниту техничката заменик-министерка, ниту МВР. Ве молам извадете го разговорот и нека види јавноста што е, бидејќи конструиравте таква ситуација“,
рече Мицкоски.
