За двајца од осомничените Основното јавно обвинителство Скопје бара да им биде одреден притвор, додека за третото лице, кое се товари за помагање, обвинителот предложил мерка куќен притвор
Скопското Основно јавно обвинителство отворило истрага против три лица осомничени дека со сериозни закани изнудиле 10 000 американски долари од брачен пар, пари што нивниот син, кој бил во странство, наводно ги должел на еден од нив.

Како што соопштија од Обвинителството, двајца од осомничените на возраст од 26, односно 24 години се товарат за кривичното дело изнуда од член 258 став 1 од Кривичниот законик, додека третото 26-годишно лице опфатено во истрагата ќе се гони за помагање при извршување на кривичното дело.
Кривичните дела, според Обвинителството, осомничените ги сториле во периодот од март 2024 до 4 февруари 2025 година.
Сопружниците првин почнале да добиваат пораки од првоосомничениот на социјалната мрежа „Фејсбук“, кој тврдел дека нивниот син наводно му должи пари, но притоа не навел за колкав износ станува збор.
„Потоа започнал да им испраќа и заканувачки пораки, а го ангажирал и вториот осомничен со други непознати лица да им се закануваат на оштетените и да бараат исплата на наведените средства (10 000 долари)“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
За да ги натераат да им ги дадат парите, тие го скршиле стаклото на автомобилот на жртвите, со молотов коктел им ја запалиле влезната врата од станот и континуирано им се заканувале по живот.
Синот на жртвите, кој бил во Соединетите Американски Држави, исто така им потврдил на родителите дека и тој добива закани преку пораки и јавувања.
„На 4 февруари, по претходен договор, третоосомничениот им помогнал на двајцата изнудувачи да ги преземат паричните средства од оштетените, по што на лице место бил лишен од слобода од полициски службеници“,
информираат од Обвинителството.
Јавниот обвинител што го води предметот до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени за изнуда, како и мерка куќен притвор за помагачот.