Опозицијата ги нападна СДСМ и Заев, откако Деркоски рече дека ДИК се соочува со притисоци, но дека се надева дека и овој пат ќе биде постигнат консензус, притоа не адресирајќи од каде доаѓаат притисоците
ВМРО-ДПМНЕ го обвини вечерва раководството на СДСМ дека врши притисоци врз изборната администрација, по гостувањето на претседателот на ДИК Оливер Деркоски на ТВ Телма.
Деркоски, во почетокот на емисијата, зборувајќи за владината уредба за изборниот процес и заклучокот за замрзнување на изборните дејствија, спомна дека ДИК е сега изложена на притисоци (не прецизирајќи од каде доаѓаат), но дека треба да се надмине себеси и да постигне консензус.
„Уредбата, на некој начин, остана недоречена и не остави на половина пат. Ние, потоа, констатиравме дека единствен проблем може да биде ажурирањето на избирачкиот список. Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ многу години, но во ДИК јасно и гласно кажувам дека треба да го смениме имиџот на Комисијата. Како што се трудевме и на референдумот и на претседателските избори, се надевам дека и сега, кога сме во мошне деликатна ситуација, ќе постигнеме консензус. Иако е на очиглед на јавноста дека се повеќе се вршат притисоци врз ДИК, се надевам дека ќе успееме да се надминеме себеси“,
рече Деркоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа потоа дека тврдењето на Деркоски дека ДИК е предмет на притисоци „укажува дека имаме работа со власт која сака нерегуларни избори“.
„Воедно, изворот на таквите притисоци може да е еден и единствен, а тоа се власта во заминување и Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува сите форми на притисок врз ДИК од страна на Заев и власта. Бараме да ги тргнат рацете од институцијата и да ја остават да работи и одлучува согласно закон. Прво вршеа поткуп на гласови, Заев и неговиот брат Вице, а сега вршат притисок врз ДИК за нерегуларни избори“,
се нагласува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓаните, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, мора слободно и демократски да ја изразат својата волја, затоа што престојните избори се пресудни за нашата европска иднина.
„Изборите и изборниот процес мора да бидат спроведени соогласно со законите, а на ДИК да ѝ биде дадено потребното време за да не се ускрати со Устав загарантираното гласачкото право на ниту еден граѓанин“,
се нагласува во реакцијата на опозициската партија.
Во емисијата „Вин-вин“ учествуваше и поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, кој рече дека Комисијата се соочува со сериозен предизвик, односно со избори во мошне тешки услови, но, како што нагласи, таква е ситуацијата и во други држави.

„Уредбата на Владата за изборите е материјален закон. Владата има право да носи такви уредби, со оглед на условите. Голем дел од изборните дејствија беа завршени прд изборите да бидат прекинати. Изборите, всушност, се замрзнати, што значи дека не течат роковите. Исто така, со уредбата, ДИК е задолжена да донесе ревидиран, а не нов роковник. Владата може и да ја измени Уредбата. Избирачкиот список не е заклучен се уште и ДИК има капацитет да го ажурира, со оглед на тоа што четири пати годишно добива податоци за промените во избирачкото тело“,
рече Новаковски.
