Дополнително, партијата го повика Јавното обвинителство да покрене истрага за истата судијка за да се утврди како и зошто досудила воспитна мерка за Васил Јованов во врска со делата за кои бил гонет, а се однесуваат на производство и трговија на дрога
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ бара Судскиот совет да ја разреши судијката Даниела Алексовска-Стојановска бидејќи на Васил Јованов – возачот што ја усмрти Фросина Кулакова – во јули минатата година му одредила воспитна мерка за делата за кои бил гонет, а се однесуваат на производство и трговија на дрога.
Дополнително, од партијата повикаа Јавното обвинителство да покрене истрага за истата судијка за да се утврди како и зошто досудила таква одлука.
„Оние што дозволија криминалците, наместо во затвор, слободно да се шетаат по улиците мораат да понесат одговорност. Таквата неказнивост на криминалците од правосудните органи доведе тие да се чувствуваат посилни и над законот и да газат сè пред себе. Таков е и случајот со возачот убиец, кој пред некој ден ја усмрти младата девојка на ‘Партизанска’, која уредно поминувала на семафор на зелено за пешаци“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дента на сообраќајната несреќа, наместо во возило што го управувал без возачка, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, возачот требало да биде во затвор доколку судијката Даниела Алексовска-Стојановска постепела согласно закон.
„Возачот убиец кој ја усмртил младата Фросина Кулакова бил фатен за трговија со дрога и по ниту еден основ не можел да биде ослободен од затвор и пратен во поправен дом“,
велат од владејачката партија, додавајќи оти народот очекува правда и одговорност.
Инаку, министерот за правда Игор Филков вчера објави дека донел одлука за разрешување на судијката Даниела Алексовска-Стојановска од членство во работна група во Министерството за правда.