„Ние сме подготвени да примиме само осудени криминалци (вклучувајќи и осудени граѓани на САД) во нашиот мегазатвор… во замена за финансиски надомест“, изјави претседателот на оваа централноамериканска земја, Најиб Букеле, по средбата со новиот државен секретар на САД, Марко Рубио
Ел Салвадор се понудил да прими осудени лица за тежок криминал кои се наоѓаат во затворите во САД, вклучително и оние со американско државјанство, изјави новиот американски државен секретар, Марко Рубио.
По средбата со претседателот на оваа централноамериканска земја, Најиб Букеле, државниот секретар на САД изјави дека се длабоко благодарни за гестот додавајќи дека ниту една друга земја никогаш не ваква пријателска понуда, пренесе Би-би-си.
Според Рубио, Ел Салвадор, исто така, се согласил да прифати депортирани мигранти од која било националност кои незаконски се наоѓаа во САД.
Американскиот државен секретар го пофалил Букеле за неговите политики за справување со насилството на бандите со кои драматично е намалена стапката на криминал во оваа земја, чиј главен град Сан Салвадор некогаш беше на врвот на светската листа по бројот на убиства. Сепак, ваквите политики наидоа и на критики кај организациите за заштита на човековите права.
„Тој (Букеле) понуди да смести во своите затвори опасни американски криминалци кои се во притвор во нашата земја, вклучувајќи ги и оние со американско државјанство и легален престој. Ние сме длабоко благодарни. Зборував со претседателот Трамп за ова порано денес“,
изјави Рубио.
Новиот американски државен секретар е на своја прва турнеја, во обид да ги потврди приоритетите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп во регионот, кои го вклучуваат и барањето до Панама да направи итни промени околу Панамскиот Канал, кој според американскиот претседател е под влијание и контрола на Кина.
Откако се врати во Белата куќа, актуелниот фокус на Трамп е во забрзување на депортациите на мигрантите кои незаконски престојуваат во САД, поради што се испратени засилени трупи на американско-мексиканската граница. Трамп, исто така, преку извршна наредба го запре процесирањето на барањата за азил на мигрантите.
Претседателот на Ел Салвадор, Букеле, вели дека неговата понуда за прифаќање криминалци оди подалеку од договорот меѓу САД и неговата земја од 2019 година, кој се однесуваше на прифаќање мигранти.
„Ние сме подготвени да примиме само осудени криминалци (вклучувајќи и осудени граѓани на САД) во нашиот мегазатвор… во замена за финансиски надомест “,
вели Букеле.
Букеле, кој е поранешен градоначалник на главниот град Сан Салвадор, првпат ја освои власта во 2019 година со ветување дека ќе создаде „нова ера“ за земјата, ќе се справи со насилството и корупцијата од бандите и ќе поттикне подобри односи со САД.
Неговата популарност порасна откако започна акција против криминалот и бандите, претворајќи го Ел Салвадор од земја со најголема стапка на убиства по глава на жител во светот, во една од најбезбедните држави во регионот
За време на неговиот прв мандат, владата спроведе опсежни апсења на сите осомничени за каква било вмешаност во активности на бандите.
Се проценува дека околу 75 000 луѓе се уапсени под вонредните мерки кои постојано се продолжуваат, што го вклучи алармот кај групите за заштита на човековите права.
„Амнести интернешнл“ го критикува Ел Салвадор дека мерките на Букеле довеле до тоа насилството од бандите постепено да биде заменето со насилство од државата.