Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот изјави дека минималната плата ќе биде онаа што ќе ја договорат работодавачите и работниците
Висината на минималната плата ќе биде во фокус на денешниот работен состанок на Економско-социјалниот совет.
Според најавите, на седницата ќе се разгледуваат можностите за зголемување на минималецот, што како барање го поставија синдикатите, кои гледаат реална потреба од покачување на минималната плата.
На заедничка маса ќе седнат работодавачите, синдикатите и Владата за да разговараат за зголемувањето на минималецот кој во моментот изнесува 22 567 денари.
Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот, одговарајќи на пратенички прашања, изјави дека минималната плата ќе биде онаа што ќе ја договорат работодавачите и работниците.
„Секое решение што тие ќе го поддржат, ние ќе го прифатиме и тука нема никаква дилема. Се надевам дека работодавачите и работниците ќе постигнат договор што ние ќе го поддржиме“,
изјави премиерот во одговор на пратеничко прашање во четвртокот.
Синдикатите бараат минималната плата да се зголеми на 450 евра, а дел од бизнис-секторот се изјасни дека ќе го поддржи ваквиот предлог, а во тој случај да се намалат придонесите.