Двете држави уште вчера најавија дека соодветно ќе одговорат на воведувањето царини од Соединетите Американски Држави
Кабинетот на премиерот на Канада, Џастин Трудо информираше дека имало телефонски разговор меѓу него и претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум.
Во соопштението се вели дека Трудо и Шејнбаум разговарале за воведувањето царини од Соединетите Американски Држави (САД) за увоз на производи од Канада и Мексико.
„Премиерот Трудо и претседателот Шејнбаум разговараа за длабоките врски меѓу народите, силните трговски и инвестициски односи меѓу Канада и Мексико и важноста од зачувување на конкурентноста на Северна Америка и просперитетот. Тие зборуваа за наметнувањето на американските царини за двете земји, како и за нивните соодветни напори за зајакнување на граничната безбедност и борба против производството и дистрибуцијата на нелегални дроги. Лидерите се согласија да продолжат да работат заедно во областите од заеднички интерес и да ги зајакнат силните билатерални односи меѓу Канада и Мексико“,
соопшти кабинетот на Трудо.
Двете држави уште вчера најавија дека соодветно ќе одговорат на воведувањето царини од САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно потпиша извршна наредба за воведување царини од 25 отсто за целата стока од Канада и Мексико почнувајќи од вторник, освен за канадските енергетски производи, кои ќе подлежат на царина од десет отсто. Тој додаде дека стоката од Кина ќе има десет отсто повеќе царини отколку што се во моментов. Трамп претходно изјави дека царината од десет отсто за увоз од Кина ќе биде додадена на постоечките давачки за кинески производи.