Протестниот марш под паролата „Правда за Фросина“, на кој има масовно присуство, тргна од булеварот „Партизански одреди“, а најавено е дека ќе помине пред Собранието, Обвинителството и ќе заврши пред Кривичниот суд
Извикувајќи „Бараме правда“, илјадници граѓани го почнаа протестниот марш што тргна од местото на булеварот „Партизански одреди“ каде што во средата (29 јануари) во сообраќајна несреќа загина 22-годишната Фросина Кулакова.
Во првите редови во поворката се членовите на нејзиното потесно семејство. Присутните граѓани извикуваат „Сакаме правда“ и „Нема правда – нема мир“. Се носат и црни маички на кои пишува „Правда за Фросина“.
Истакнати се транспаренти на кои пишува „Секој еден може да е следен“; „Безбедноста е право, а не привилегија“; „Судии убијци“; „Крвта е на ваши раце“.
Маршот, на кој има масовно присуство, започна кај Универзалната сала, а најавено е дека ќе помине пред Собранието, Обвинителството и ќе заврши пред Кривичниот суд.
Инаку, во средата (29 јануари) се случи тешка сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која загина 22-годишната Фросина Кулакова. Во неа удри 20-годишен возач за кој подоцна беше објавено дека нема возачка дозвола, а има историја на кривични дела.
Ова предизвика гнев кај граѓаните кои се собраа на протести на местото на несреќата и во родниот град на Кулакова, Неготино. Побараа одговорност и за судијката која многумина ја обвинуваат дека претходно го спасила од притвор проблематичниот возач.