Детето било родено во Италија со тешка форма на церебрална парализа, каде што докторите им соопштиле на родителите дека ќе живее три до шест месеци, информира директорот на болницата Владимир Бунчески
Четиригодишно дете утрово починало на Детското одделение во струшката болница, соопшти СВР Охрид. Случајот бил пријавен во полиција во 9:50 часот од медицински лица од Општата болница во Струга.
„Од медицински лица од Општата болница во Струга е пријавено дека на Детското одделение во болницата било донесено четиригодишно дете од Струга кое извесно време било во тешка здравствена состојба. И покрај итно укажаната медицинска помош, детето починало“,
изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Како што информира директорот на болницата Владимир Бунчески, четиригодишното дете имало тешка форма на церебрална парализа и загрозени витални параметри.
Во изјава за МИА тој посочил дека детето било донесено во многу тешка состојба со подраширени зеници и оти борбата на лекарите да го вртат во животот била неуспешна.
Детето било родено во Италија со тешка форма на церебрална парализа, каде што докторите им соопштиле на родителите дека ќе живее три до шест месеци.
„Детето во болницата во Струга е донесено во многу тешка форма со подраширени зеници, ослабено срце и загрозени сите витални параметри. И покрај долгата реанимација и борбата на лекарите да го вратат во живот, напорите биле неуспешни. Имало тешка форма на респираторна инфекција со загрозени сите витални параметри. Родителите биле свесни за состојбата“,
информира Бунчески.
Увид извршил јавен обвинител и во координација со семејството, телото нема да биде предадено на обдукција. Се наведува дека биле преземени сите здравствени мерки, односно не била констатирана лекарска грешка.