Два моста беа блокирани три часа, додека Мостот на слободата остана блокиран цела ноќ, а студентите спиеја во шатори или на стиропор
Студенти на три новосадски факултети, со поддршка на своите колеги кои пеш пристигнаа од Белград, како и моторџии и граѓани, вчера ги блокираа сите три моста во Нови Сад, на денот кога поминаа три месеци од несреќата кај железничка станица во која загинаа 15 лица.
Два моста беа блокирани три часа, додека Мостот на слободата остана блокиран цела ноќ, а студентите спиеја во шатори или на стиропор.
Во текот на ноќта немаше никакви инциденти или проблеми, јавуваат српските медиуми.
Блокадата продолжува денеска од 9 часот и ќе трае до 14 часот, кога ќе започне групното чистење на мостот. Студентите најавија дека протестот во Нови Сад ќе трае до 15 часот.
Многу студенти поставија шатори во Лиманскиот парк, а во текот на ноќта се грееја околу оган, завиткани во ќебиња, додека оттаму се слушаше музика.
Студентскиот пленум на Филозофскиот факултет во Белград синоќа соопшти дека поради страв од наплив на опозициски активисти, активистички организации и слични групи и нивна инструментализација на автохтоната студентска борба, решиле да се оградат од 24-часовната блокада на Мостот на слободата во Нови Сад, притоа поддржувајќи ја тричасовната блокада на трите моста во тој град што се случи вчера.
Во соопштението на мрежата Икс во врска со денешната блокада на мостовите во Нови Сад, пленумот наведе дека се оградува од секој обид за злоупотреба на студентските блокади од кои било политички актери и дека најостро ја осудува секоја форма на злоупотреба на студентскиот ентузијазам во корист на предизборна кампања на која било политичка опција.