Најголемиот затвор во земјава, КПД Идризово, стана дом и на најголемата судница. Во дворот на институцијата речиси е готов објектот од 1 000 м2.

Според министерството за правда, капацитетот на судницата е 120 лица. Средствата за изградба се обезбедни преку ИПА акциската програма „Подршка за секторот правда“ на ЕУ.

Целта за изградбата комплексот, информираат од Министерството за правда, е во неа да им се суди на притворени, како и на осудени лица за тешки кривични дела против кои се водат и други кривични постапки, а чиј транспорт до судовите е безбедносно ризичен.
Со тоа, очекуваат властите, значително ќе се намали ризикот од бегства на притворени и осудени лица за време на транспорт до судовите. Дополнително, со користењето на оваа судница, ќе бидат заштедени значителни средства за транспорт на притворени и осудени лица во судовите, а воедно ќе се растерети и затворската служба и полицијата која учествува во спроводите на овие лица.
Од Министерството за правда дополнуваат дека причината за лоцирањето на судницата во „Идризово“ е затоа што во него во моментов се сместени околу 60% од вкупниот број осудени лица кои издржуваат казна затвор. Во „Идризово“ ќе биде изграден и најголемиот притворски центар во државата, каде ќе бидат сместувани околу 80% од вкупно притворените лица.

Судницата е само еден сегмент од целокупниот комплекс, кој содржи ќелии за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и за јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоци со можност за изобличување на слика и тон, систем за видео конференција, кабина за преведувачи, како и соодветен безбедносен и надзорен систем. Влезовите за осудените лица, за службените лица, за јавноста и за новинарите се одвоени еден од друг.
Во посета на новата судница во „Идризово“ беа министерката за правда Рената Дескоска, заедно со шефот за соработка во ЕУ Делегацијата Никола Бертолини, јавниот обвинител на Република Северна Македонија г. Љубомир Јовески, претседателот на Кривичниот суд г. Иван Џолев, како и директорот на Управата за извршување на санкциите, г. Јовица Стојановиќ.