Билатералните односи меѓу Македонија и Косово, како и актуелните политички состојби во регионов биле тема на телефонскиот разговор меѓу претседателот Стево Пендаровски и в.д. премиерот на Косово, Албин Курти.
Како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски разговорот бил на барање на косовската страна, а двајцата соговорници размениле мислења и информации поврзани со билатералните односи меѓу двете соседни земји, како и со актуелните политички состојби во регионот на Западен Балкан.
„Соговорниците, исто така, разговараа и за пандемијата на ковид-19, мерките кои се преземаат во двете земји за заштитата од коронавирусот и справувањето со последиците од пандемијата. Во таа насока беше заклучено дека од големо значење е соработката меѓу земјите на билатерална и регионална основа, како и поддршката која Европската Унија ја пружа на регионот со цел закрепнување од кризата, не само на здравствен, туку и на економски план“,
се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.
