Истовремено, лекарите од болницата бараат да се врати на работа докторката Веселинка Митровска-Јосифова, која добила отказно решение
Лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања „Козле“ бара итно и неодложно разрешување на в.д. директорката на Каролина Симоновска, по случајот во кој ѝ дала отказ на докторката Веселинка Митровска-Јосифова, ОРЛ-специјалист и бронхоскопист.
Истовремено лекарите од болницата бараат да се врати на работа докторката Веселинка Митровска-Јосифова што добила отказно решение.

Во писмото упатено до медиумите бараат надлежните институции, Министерството за здравство и премиерот да стават крај на самоволието на директорката Симоновска, со што, според нив, ќе заврши дискредитација што таа ја нанесува на болницата.
„Последниот скандал што ја потресе Клиниката, лекарите и пациентите е дека д-р Веселинка Јосифовска-Митровска е бескрупулозно избркана од работа. Во отказното решение добиено од раководството, таа е обвинета дека физички присуствувала во кабинетот за бронхоскопија кога се интервенирало на вадење туѓо тело од дишните патишта на еден од нашите пациенти, со што му го загрозила животот“,
се вели во писмото на лекарскиот колегиум во кое изразуваат поддршка за докторката.
Објаснувајќи го случајот, докторите од „Козле“ велат дека токму присуството на докторката во посочениот кабинет ја потврдува нејзината загриженост за здравјето на пациентите што се во нејзин домен.
„Тогаш докторката се соочува со непријатна средба со директорката и тоа за време на интервенција, кога таа се обидува да ја отстрани од кабинетот, за што постојат сведоци“,
велат докторите.
Присуството на докторката во кабинетот каде што се вршела интервенција врз дете, која на крајот завршила со позитивен исход, не можела да влијае и да го загрози животот на пациентот, што како причина за отказ е наведена од страна на актуелното раководство.
Докторите сметаат дека на докторката и е нанесена целосна неправда и без никаква вина добива отказно решение.
Сметаат дека со ваквиот однос директорката ја уништува болницата, а тоа директно се рефлектира врз пациентите. Велат дека откако е назначена, нејзиното директорување брои низа скандали.
Минатиот месец, триесет доктори од Клиниката за респираторни заболувања „Козле“ со писмо адресирано до премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Арбен Таравари и до националниот координатор за здравство бараа итно разрешување на директорката на болницата Каролина Симоновска, детално образложувајќи го нивното незадоволство од нејзината работа.