Албанскиот премиер Еди Рама денеска најави целосно отворање на границите до крајот на овој месец, додавајќи дека земјата почнува со подготовка за туристичката сезона.
„Во текот на мај нашата земја ќе биде целосно отворена. Албанските граници ќе бидат отворени и ќе почнеме да се подготвуваме за туристичката сезона“,
рече Рама од собраниската говорница на денешната пленарна седница на Парламентот во Тирана.
Тој не ја отфрла можноста од втор бран на пандемијата со ковид-19, кој според него може да биде и потежок, но најави дека ќе се соочат со сериозноста како што и досега.
Од понеделникот во Албанија стапи на сила втората фаза од олеснителните мерки, со кои по повеќе од два месеца, се отворени баровите, рестораните, кафулињата, музеите, библиотеките.
Во 56 од вкупно 61 општина, кои се нарекуваат зелени зони, целосно е укинат полицискиот час, додека во останатите пет црвени зони – Тирана, Драч, Скадар, Круја и Курбин тој е на сила од 21 до 5 часот.
Засега во сила се’ уште е забраната за јавниот превоз, одржување спортски и културни настани, а и понатаму се затворени копнените и воздушните граници за движење на граѓаните.
Инаку, албанската Влада, на 24 март прогласи вонредна состојба, поради „природна непогода“ на целата територија на земјата и тоа за период од 30 дена, додека албанскиот Парламент потоа ја продолжи до 23 јуни.