„Не сакам да дадам мое мислење во моментов, но сакам да ги испочитуваме сите институции, да дојдеме до заедничко мислење, па потоа да пристапиме со заеднички став да го решиме проблемот“, вели собранискиот спикер

Во консултација со експерти и институции се бараат законски можности да се направат измени и реформа во правосудството кое ќе биде квалитетно, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Тој вели дека темата е покомплексна и оти проблемот треба да биде решен долгорочно.
„Прво да констатираме дека темата е покомплексна и сакаме долгорочно да биде решен проблемот. Во консултации со повеќе експерти и институции и сакаме да дојдеме до решение кое ќе биде одржливо и ќе биде долгорочно решение. Не сакам да дадам мое мислење во моментов, но сакам да ги испочитуваме сите институции, да дојдеме до заедничко мислење, па потоа да пристапиме со заеднички став да го решиме проблемот“,
рече тој на денешниот брифинг со новинарите.
На новинарско прашање дали се потребни промени во Судскиот совет, Гаши нагласи дека веќе на сите им е јасно дека ни се потребни длабоки реформи во правосудството.
„Мислам дека тоа е веќе јасно. На сите граѓани им е јасно дека ни се потребни длабоки реформи во правосудството. Само треба да внимаваме тие да бидат содржајни и реформи кои одат кон подобро, затоа што неколку пати сме пробале избрзувајќи не сме донеле решенија кои се одржливи и подолгорочни. Затоа, овојпат сакаме да внимаваме и пристапот е поинаков“,
рече Гаши.
Собранието кон крајот на минатата година изгласа негативен извештај за работата на Судскиот совет, а се отворија сите прашања кои се однесуваат на разрешување на членови од оваа регулаторно тело кои се избрани од Собранието. Се работи за разрешување на пет од девет члена на Судскиот совет. Бидејќи не постои можност Собранието веднаш да ги разреши членовите на Судскиот совет, се бараат можности за законски измени во правосудството.
