Во описот на случајот, од Обвинителството се вели дека осомничениот парите ги побарал индиректно, преку сведок
Предложена е мерка притвор од осум дена за шеесет и четиригодишен хирург М. С. од клиничката болница во Битола, кој е приведен и се сомничи дека сторил кривично дело примање поткуп, информираат од Јавното обвинителство на РСМ, пренесува МИА.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола вчера информираа дека е доставен предлог до судија на претходна постапка да биде определен притвор поради опасност од бегство.

Хирургот, како што вчера информираa од Министерството за внатрешни работи (МВР), на 27. овој месец, откако извршил хируршка интервенција, побарал 150 евра за да се почести за завршената работа.
Од МВР велат дека на хирургот му биле дадени побараните пари, но пред тоа тие биле обележани.
Во описот на случајот, од Обвинителството се вели дека осомничениот парите ги побарал индиректно, преку сведок.
„Осомничениот, на 27 јануари, како доктор – хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница ’Д-р Трифун Пановски’ Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почестел за извршената работа. Синот следниот ден во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите“,
пишува во соопштението од ОЈО Битола.
Како што вчера информира директорката на болницата во Охрид, спроведена е постапка за смена на докторот од раководна позиција и негова суспензија додека трае постапката на истражните органи.
