Украинскиот претседател синоќа ги повика светските лидери да ги земат предвид грешките од претходните години, како и грешките на оние лидери што повеќе не се на политичката сцена, додавајќи дека Путин има значителни способности да ја наруши глобалната стабилност, но е премногу слаб за да го издржи притисокот од силните лидери
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа преку објавата на социјалните мрежи изјави дека Владимир Путин се плаши од мировни преговори за ставање крај на војната со Украина. Изјавата на Зеленски доаѓа откако рускиот претседател вчера ја отфрли можноста за директни разговори со неговиот украински колега.

„Денеска Путин уште еднаш потврди дека се плаши од преговори, се плаши од силни лидери и прави сè што е можно за да ја продолжи војната. Во 2014 година, Русија започна хибридна војна против Украина, која ја претвори во целосна инвазија во 2022 година. Сега постои шанса да се постигне вистински мир, но Путин е тој кој прави сè што е во негова моќ да продолжи со убиства од големи размери или да се обезбеди пауза со цел да се продолжат хибридните напади додека се подготвува за нова инвазија од целосен обем“,
напиша украинскиот претседател на социјалната платформа Икс.
Тој ги повика светските лидери да ги земат предвид грешките од претходните години, како и грешките на оние лидери кои повеќе не се на политичката сцена, додавајќи дека Путин има значителни способности да ја наруши глобалната стабилност, но е премногу слаб за да го издржи притисокот од силните лидери.
„Затоа мора да дејствуваме одлучно и единство – сите оние кои имаат храброст да веруваат во мирот. Вистинскиот мир е можен, ако Русија биде принудена на него“,
порачува Зеленски во објавата.
Today, Putin once again confirmed that he is afraid of negotiations, afraid of strong leaders, and does everything possible to prolong the war. Every move he makes and all his cynical tricks are aimed at making the war endless.
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) January 28, 2025
In 2014, Russia started a hybrid war against…
Рускиот претседател вчера ја отфрли можноста од директни разговори со Зеленски, кого го нарече нелегитимен претседател, бидејќи избори во Украина не се одржани откако Русија ја започна војната.
Поради војната, Украина е под воена состојба, за време на која украинскиот устав не дозволува избори. Украина предупреди да не смее биде исклучена од какви било мировни преговори меѓу Русија и САД, обвинувајќи го Путин дека сака да манипулира американскиот претседател Доналд Трамп.
Путин изјави дека конфликтот во Украина ќе заврши во рок од два месеци или помалку без воената помош од западните сојузници за неа.
„Тие (Украинците) не можат да преживеат, нема да издржат ниту еден месец ако останат без пари и, воопшто, муниција. Сè би било готово за месец и половина или два“,
рече Путин во интервју за руската државна телевизија.

Украина во моментов стравува од драстично намалување на американската помош со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Каја Калас и американскиот државен секретар Марко Рубио вчера во телефонски разговор, прв откако администрацијата на Доналд Трамп ја презеде власта во САД, се согласиле дека е потребно да се одржи „максимален притисок“ врз Москва во насока на постигнување траен мир во Украина.
Калас завчера изрази очекување дека европските министри за надворешни работи ќе одобрат продолжување на санкциите против Русија поради војната во Украина.
Пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари, Калас изјави дека Европската Унија е подготвена да продолжи да обезбедува воена помош за Украина дури и доколку САД престанат, но изрази уверување дека Вашингтон ќе продолжи да го поддржува Киев.
