Според изјавите на студентите, една девојка е тешко повредено и се наоѓа во Клиничкиот центар во Војводина. Неколкумина други се со полесни повреди
Група студенти се нападнати од непознати лица за време на синоќешните блокади во Нови Сад, соопштија студентските организации во објава на социјалните мрежи. Според нивната изјава, една девојка е тешко повредено и се наоѓа во Клиничкиот центар во Војводина.

„Девојката е со изместена вилица и има повреди по целото тело. Има уште неколку студенти со полесни физички повреди, моментално лекарите ја утврдуваат состојбата на нападнатите студенти“,
информираат од студентските организации.
Од Клиничкиот центар на Војводина потврдија дека околу четири часот по полноќ била примена повредена девојка. По укажаната помош била пуштена на домашно лекување.
Во инстаграм-објавата, студентите наведуваат дека четворица мажи со бејзбол-палки бркале група студенти кои ставале налепници и пишувале пароли низ Нови Сад. Инцидентот започнал пред просториите на владејачката Српска напредна странка (СНС), каде што студент и студентка на Медицинскиот факултет во Нови Сад залепиле налепница на корпа за отпадоци. Од просториите на партијата во тој момент излегле двајца мажи.
„Две непознати лица со кратка коса и силна градба излегле од просториите на СНС и веднаш го нападнале момчето. Го фатиле за јаката и почнале да го дават. Девојката успеала да го сними тоа на својот телефон, по што непознати лица ѝ го одзеле телефонот и ја избришале снимката“,
се додава во соопштението на студентска организација.
Студентите успеале да се оттргнат и да побегнат, но напаѓачите почнале да ги бркаат, прво пеш, а потоа и со автомобил, кога за малку ќе удреле во нив.
„Според зборовите на нападнатите студенти, истите двајца мажи, заедно со уште двајца и бејзбол-палки, нападнале друга група ученици во близина на основното училиште ‘Петефи Шандор’ во Нови Сад. Во таа пригода, ѝ нанеле тешки телесни повреди на студентката, ја удирале со клоци и тупаници. Другите нападнати студенти успеале да се извлечат со полесни повреди“,
наведуваат студентите.
Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, најостро го осуди нападот врз студентите.
„Барам од полицијата итно да ги открие и уапси сторителите, а од обвинителството барам брза и ефикасна истрага. Никој не смее да биде над законот. Правдата мора да биде задоволена, а безбедноста на сите граѓани мора да се гарантира“,
изјави градоначалникот на Нови Сад и повика на воздржаност.