Лукашенко, кој е близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, е на власт во земјата од 1994 година
Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија во пресрет на изборите оценија дека тие не можат да се сметаат за слободни и фер бидејќи независните медиуми се забранети во Белорусија, а сите водечки опозициски фигури се или во затвор или во егзил во странство
Долгогодишниот претседател на Белорусија, Александар Лукашенко, е на пат да го добие седмиот петгодишен мандат како шеф на државата. Ова го покажуваат првичните излезни анкети по денешните претседателски избори што ги емитувала државната телевизија, а според кои Лукашенко освоил 87,6 отсто од гласовите, пренесува „Гардијан“.

Лукашенко, кој е близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, е на власт во земјата од 1994 година.
Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија во пресрет на изборите оценија дека тие не можат да се сметаат за слободни и фер бидејќи независните медиуми се забранети во Белорусија, а сите водечки опозициски фигури се или во затвор или во егзил во странство.
Изборната комисија на Белорусија соопштила дека излезеноста на изборите била 81,5 отсто, од 6,9 милиони луѓе со право на глас.
Седумдесетгодишниот Лукашенко, кој е поранешен раководител на колективна фарма, се соочи со масовни протести против неговото владеење во 2020 година, но успеа да ги потисне и да се одржи на власт.
Две години подоцна тој ѝ дозволи на Москва да ја користи белоруската територија за да ја нападне Украина.
По демонстрациите во 2020 година, десетици илјади Белоруси избегаа од земјата, а дел од политичките противници на Лукашенко сè уште се наоѓаат во затвор.
„Сите наши противници и непријатели треба да разберат, не се надевајте, никогаш нема да го повториме она што го имавме во 2020 година“,
рекол Лукашенко во своето обраќање на митинг кој во петокот се одржал на стадионот во главниот град на земјата, Минск.
Повеќето луѓе во Белорусија имаат само далечни спомени од животот во земјата пред Лукашенко, кој имаше 39 години кога победи на првите национални избори во Белорусија откако таа стекна независност од Советскиот Сојуз.
Наративот на властите во Минск преку кој Лукашенко се одржува на позицијата последните години е дека тој гарантира мир и ред во Белорусија, додека оние кои ги поттикнале протестите во 2020 сакаат да внесат хаос.
Обединетите нации проценуваат дека 300 000 Белоруси ја напуштиле земјата од 2020 година, заминувајќи главно во Полска и во Литванија. Тие не можеа да гласаат на денешните избори бидејќи Белорусија го укина гласањето од странство.
Протераната опозициска лидерка Свјатлана Циханускаја во интервју за агенцијата АФП месецов ги оцени претседателските избори како фарса. Таа ги повика дисидентите да се подготват за можноста да ја променат својата земја, но призна дека „сега не е моментот“ за тоа.
Заменик-претседателката на Европската комисија и висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија, Каја Калас, вчера, во објава на платформата Икс, изборите во Белоруција ги нарече лажни, а за Лукашенко кажа дека нема никаков легитимитет.
Познат како „последниот диктатор на Европа“, прекар што тој го усвои, Лукашенко задржа голем дел од традициите и инфраструктурата на Советскиот Сојуз, со економија главно планирана од државата.
Лукашенко го укина белоруското бело-црвено-бело знаме во 1990-тите, кое оттогаш стана симбол на опозицијата.
