Ако сака Мицкоски, јас нека сум виновен за сѐ, јас го донесов вирусот од Кина… Но, дајте, исправени сме пред сериозни одлуки. Да го фатиме првиот можен момент, порача Заев
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за штипската ТВ Стар, вели дека договор за денот на изборите е можен додека трае вонредната состојба, ако тоа не се случи, со истекот на вонредната на 30 мај, почнуваат да течат роковите што автоматски води до избори на 21 јуни.
„Теоретски можеме да се договориме додека трае вонредната состојба. Треба до крајот на оваа седмица или на почетокот на наредната недела евентуално да се утврди, датумот. Ако чекаме до 30 мај е доцна. Мора да водиме грижа и за сите други аспекти. Јас стојам на располагање, сакаме да разговараме, но притоа не смееме да ѝ нанесеме штета на државата и да ја доведеме земјата во уставна криза“,
додаде Заев.
Зборувајќи за неговиот политички опонент, Христијан Мицкоски, за кого вели дека не сака да постигне компролис, Заев рече дури и ќе преземе одговорност дека го донел коронавирусот ама само да се фати првиот можен момент за избори.
„Ако сака Мицкоски, нека биде вака, јас нека сум виновен за сѐ, јас сум виновен за корона-кризата, јас го донесов вирусот од Кина нека бидам виновен за сѐ. Но, дајте, исправени сме пред сериозни одлуки. Да го фатиме првиот можен момент, да излеземе на избори во интерес интерес на граѓаните и на државата“,
порача Заев.
Тој останува на ставот дека јуни е најповолен период при што се повика на Комисијата за заразни болести, како и на препораките на СЗО летото да се искористи за подготовка на здравствените системи бидејќи есента се очекува нов бран од вирусот.
„Исто така е важно граѓаните да имаат и функционален парламент функционален, бидејќи не знаеме кога и како ќе требаат брзи одлуки, нема поважна институција во парламентарна демократија како што е нашата од функционален парламент и политичка влада. Владата во моментов никој не ја контролира, јас не треба да го кажам тоа, според мене Владата е одлична, но тоа Мицкоски треба секој ден да го зборува, бидејќи контролата е здрава. Трансформацијата на економијата е уште една причина зошто е најсоодветно во првиот момент да одиме на избори“,
смета лидерот на СДСМ.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, пак, вечерва на Канал 5 ТВ го обвини Заев дека поставува ултиматум, но изрази надеж дека ќе се постигне консензус, како и оти очекува да има нова лидерска средба.
