Северна Кореја почна да испраќа војници во Русија минатиот октомври откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин постигнаа меѓусебен одбранбен договор, чија цел е зајакнување на сојузот против, како што го нарекоа, западниот хегемонизам
Претставници на јужнокорејската армија денеска соопштија дека Северна Кореја, и покрај огромните загуби, се подготвува да испрати дополнителни трупи во Русија кои ќе бидат вклучени во војната против Украина.
Началникот на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја е осомничена за забрзување на подготовките за дополнително распоредување на војници, но не наведе повеќе детали.
Северна Кореја почна да испраќа војници во Русија минатиот октомври откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин постигнаа меѓусебен одбранбен договор, чија цел е зајакнување на сојузот против, како што го нарекоа, западниот хегемонизам.
Северна Кореја се надева дека ќе добие пристап до напредната руска ракетна и сателитска технологија во замена за воена помош, вклучително и испраќање војници, оружје и муниција за Русија.
Северна Кореја досега има испратено 11 000 војници како поддршка за Русија во војната против Украина.
Иако Северна Кореја официјално не ја призна својата улога во војната, Путин во октомври го потврди присуството на севернокорејските сили во Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна објави кратко видео на кое се гледа сослушувањето на двајца мажи кои се претставуваат како севернокорејски војници.
Тој изјави дека Киев е подготвен да ги предаде севернокорејските војници на нивниот лидер Ким Џонг-ун доколку тој може да обезбеди нивна размена за украинските војници заробени во Русија.
