Пожарот избувна вчера наутро и за помалку од 24 часа се прошири на околу 40 квадратни километри во близина на езерото Кастаик, кое се наоѓа на околу 64 километри од разорните пожари кои горат веќе трета недела по ред
Битката против разорните пожари во Јужна Калифорнија продолжува. Последниот пожар избувна вчера северно од Лос Анџелес, во близина на езерото Кастаик, популарна рекреативна област, пренесува Си-ен-ен.
Досега се изгорени повеќе од 9 000 хектари, а повеќе од 50 000 луѓе се евакуирани додека пожарникарите се борат да го локализираат огромниот шумски пожар, кој брзо се шири северно од градот.

Пожарот избувна вчера наутро и за помалку од 24 часа се прошири на околу 40 квадратни километри во близина на езерото Кастаик, кое се наоѓа на околу 64 километри од разорните пожари кои горат веќе трета недела по ред.
Подобрените временски услови им овозможија на противпожарните авиони да испуштат десетици илјади литри вода гасејќи го пожарот, а над 4 000 пожарникари се распоредени на местото на настанот.
До вчеравечер околу 15 отсто од пожарот е локализиран, но ситуацијата и понатаму е критична поради силниот ветер и малата влажност.
#hughesfire has reached Castaic proper. pic.twitter.com/ASFq3b91SZ
— BD Photography (@BDP_473) January 22, 2025
Пожарот затвори делови од автопатот „Пет“, кој е главниот пат што ги поврзува северна и јужна Калифорнија. Иако некои делови од патот се повторно отворени, екипите на терен се обидуваат да го спречат ширењето на пожарот.
Регионот веќе трета недела е зафатен со пожари, а временските услови, како што се силните ветрови и сувата вегетација, и понатаму претставуваат сериозен ризик.
Според Националната метеоролошка служба, од викендов се очекува дожд, што може да донесе олеснување во нивното гасење.
Во јужниот дел на Лос Анџелес, каде пожарите веќе опустошија неколку населби, жителите полека се враќаат во своите домови во Пацифик Палисајдс и Алтадена.
Досега во огнените стихии животите ги загубија 24 луѓе, а 23 се водат како исчезнати во опожарените зони во Итон и Палисајдс.
