Уписите во основните и средните училишта ќе се спроведат во јуни, соопшти денеска министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Адеми рече дека се подготвени конкретни протоколи до Комисијата за заразни болести и оти очекуваат одговор оттаму за да може потоа да ги испратат до образовните институции.
„Цел јуни ќе им биде на располагање на родителите на првачињата за да ги достават сите документи до основните училишта каде треба да се запишат нивните деца. Веќе подготвиме конкретни протоколи кои се доставени до Комисијата за заразни болести. Тоа се протоколи за упис во основно и во средно образование и очекуваме дека Комисијата ќе ни одговори и евентуално ќе направи некоја измена и дополнување“,
рече Адеми.
Запишувањето на првачињата требаше да се реализира во мај, но беше одложено поради актуелната ситуација со ковид-19.
На високообразовните институции пак, уписите ќе се реализираат во август и септември, а до крајот на мај треба Владата да донесе одлука околу квотите за упис на државните универзитети.
