Семејството викнало итна помош која штом пристигнала констатирала смрт кај едното бебе. Другото бебе, кое било во тешка состојба, било префрлено во прилепската болница каде што починало

Дваесетина дена стари новороденчиња близначиња, машко и девојче, починале вчера околу пладне, а обдукцијата треба да ја утврди причината за нивната смрт. Семејството на близначињата живеело во прилепското село Славеј.
Според јавниот обвинител Стевчо Биноски од Основното јавно обвинителство Прилеп, кој наредил обдукцијата, новороденчињата биле во тешка здравствена состојба.
Биноски вели дека семејството викнало итна помош која штом пристигнала констатирала смрт кај едното бебе. Другото бебе, додава Биноски, во тешка состојба било префрлено во прилепската болница каде што починало.
„Семејството живее во екстремно лоши услови и има уште три деца. Наредив обдукција за да се утврди причината за смртта на новороденчињата. Известени се надлежните, меѓу кои и Центарот за социјални работи од Прилеп“,
вели Биноски во изјава за МИА.
За денеска е закажана прес-конференција во Центарот за социјални работи.