Израелските медиуми објавија и дека вооружени членови на Хамас се видени на улиците на Појасот Газа, по објавувањето на информациите дека ќе се постигне договор со Израел
Палестинската исламистичка организација Хамас денеска објави дека го прифатила договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците со Израел.
Во соопштението, Хамас нагласи дека прекинот на огнот е резултат на легендарната непоколебливост на големиот палестински народ и храбриот отпор во Појасот Газа.
Израелските медиуми објавија и дека вооружени членови на Хамас се видени на улиците на Појасот Газа, по објавувањето на информациите дека ќе се постигне договор со Израел.
Според договорот, што допрва треба да биде официјално објавен, се очекува Хамас и неговите сојузнички милитантни групи да ослободат 33 заложници од Израел. За возврат, Израел ќе ослободи стотици палестински затвореници.
Тројца американски функционери и еден функционер на Хамас потврдија дека е постигнат договор, додека висок израелски функционер рече дека некои детали сѐ уште се разработуваат. Каков и да е постигнатиот договор, тој мора да биде одобрен од владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но се очекува да стапи во сила во наредните денови.
Официјални лица запознаени со наводниот договор споделиле дополнителни детали со Ројтерс. Се чини дека има три фази, од кои првата трае шест недели. Оваа фаза вклучува постепено повлекување на израелските сили од центарот на Газа и враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Газа.
Договорот предвидува дека за време на прекинот на огнот, 600 камиони со хуманитарна помош ќе бидат дозволени во Газа секој ден, од кои 300 ќе бидат наменети за север. Хамас ќе ги ослободи заложниците во период од шест недели, по три секоја недела, а останатите ќе бидат ослободени до крајот на првата фаза.