Склучени се 142 договори за итни јавни набавки поврзани со коронавирусот и нивната вредност ја надмина бројката од 3,2 милиони евра. Според извештајот на Центарот за граѓански комуникации, дури 71 отсто од вредноста на склучените договори отпаѓа само на пет фирми.
„Тендери за итна набавка добиле вкупно 81 фирма, но 71 % од вредноста им припаѓа само на пет фирми. Највредни договори за итни јавни набавки се склучени со прилепската фирма. „Гифти текс“ за набавка на маски за потребите на министерствата за внатрешни работи и за одбрана. Втора на листата според вредноста е „Биотек“ од Скопје, која има склучено договор за набавка на маски, ракавици, очила и комбинезони за потребите на МВР. Според бројот на договори, предничат скопски „Алкалоид“ и битолски „Еуро-фарм“, кои имаат склучено 14, односно 12 договори“,
се вели во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.

Анализата покажала дека за повеќе од половина од склучените договори (59 %), институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето и дека во секој втор склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач.
Според анализата, сè уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици.
Преку директни преговарања без претходно објавување оглас биле склучени 142 договори. Најголема вредност на склучените договори има МВР, кое склучило шест договори во вкупна вредност од 1,9 милиони евра, што е дури 59 отсто од вредноста на договорите на сите институции.

„Станува збор за договори за набавка на маски, ракавици, очила, комбинезони и средства за дезинфекција. Второ според вредноста на договорите е Министерството за здравство, со 14 договори во вредност од 321.081 евро за набавка на монтажни контејнери, реагенси, потрошен материјал, дезинфекциски средства и заштитна лична опрема“,
се вели во извештајот.
Се потенцира дека има значајни разлики во цените во анализираниот период особено кај набавката на скафандри и ракавици.
„Во отсуство на упатство или стандардни обрасци за набавка, продолжуваат значајните разлики во цените. Во овој период, најголеми разлики се забележуваат кај скафандрите и ракавиците. Скафандрите се купувале по цени од 262 до 1.156 денари, а ракавиците од 2,83 до 9,32 денари за парче“,
наведуваат од Ценарот.
Дополнително на 142-та договори, објавена биле и уште 51 одлука за избор на најповолен понудувач, во вкупна вредност од 701.230 евра.
Од Центарот појаснуваат дека состојбата со новиот коронавирус и прогласената вонредна состојба во земјава наметнуваат потреба од итни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од овој вирус. Овие набавки, во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас, за што на институциите не им е потребно ни претходно мислење од Бирото за јавни набавки.
Центарот за граѓански комуникации, како што информираат, ги следи итните набавки поврзани со новиот коронавирус за навремено да детектира одредени слабости во процесот и да даде придонес кон нивно надминување, а со цел рационално искористување на ограничените јавни ресурси во земјава.