Откако американскиот Доналд Трамп изјави дека зема антималариски лек како превентивна мерка против ковид-19, одново се појавија извештаите на научниците во кои тие предупредуваат на несакани ефекти од лекот хидроксихлорокин, истакнувајќи дека во тек се студии за да се испита дали тој е воопшто ефикасен против коронавирусот.
Реакции
Светската здравствена организација соопшти дека е загрижена од извештаите дека има случаи кога лица на своја рака го земаат овој лек, предупредувајќи дека тоа може да предизвика сериозни штети по здравјето.
На ова предупреди и поранешниот американски функционер за здравство д-р Рик Брајт, кој работеше на развој на вакцини и кој во април беше сменет од функцијата.

Тој оцени дека ставот на Трамп за овие лекови е „крајно спротивен на оној на десетици научници“.
И Агенцијата за храна и лекови на САД, која издаде итно одобрение за нивна употреба само во одредени случаи, исто така, предупреди на можни несакани ефекти.
Кои се доказите дека дејствува против ковид-19?
Претседателот Трамп досега повеќепати зборуваше за потенцијалот на овој лек на брифинзите во Белата куќа.
„Што може да изгубите? Земете го”,
изјави тој на прес-конференцијата во април.
И бразилскиот претседател Болсонаро на социјалните мрежи објави видео во кое тврдеше дека хидроксихлорокинот дејствува, но подоцна Фејсбук го отстрани тоа видео поради кршење на упатствата за дезинформации.
Но изјавите на јавните личности сепак му дадоа голем публицитет на овој лек, што доведе до глобален пораст на нивната побарувачка.
Таблетите кои содржат хлорокин веќе долго време се користат во третманот на маларија за намалување на треската и воспалителниот процес,. Некои научници укажаа дека е можно тие да дејствуваат и против вирусот што предизвикува ковид-19.
Во тек се тестови во различни земји за употреба на овие лекови за спречување на болеста, а се работи и на студии кои треба да утврдат дали дејствува кај пациенти кои веќе имаат ковид-19.
Во САД, во тек се различни испитувања за комбинација на лекови, вклучувајќи хлорокин, хидроксихлороин и антибиотик наречен азитромицин, за лекување на пациентите со ковид-19.

Но, досега нема доволно докази од овие испитувања дека се ефикасни во превенција или во третман на новата болест.
„Ни требаат поголеми, висококвалитетни клинички испитувања со цел подобро да ја процениме нивната ефикасност“,
вели Коме Гбиниги, од Универзитетот во Оксфорд, автор на извештајот за тестирање на терапијата за маларија во третманот на ковид-19.
Исто така, се укажува и на ризиците од сериозни несакани ефекти, како што се оштетувања на бубрезите и црниот дроб.
Кои земји ја одобрија употребата?
Кон крајот на март, Американската агенција за храна и лекови (ФДА) одобри „итна употреба“ на овие лекови во третманот на ковид-19 кај ограничен број хоспитализирани случаи.
Според ФДА, тие дефинитивно дејствуваат, но се посочува дека тоа се однесува на специфични околности, поради што на 24 април, ФДА издаде и предупредување за опасностите од употреба на супстанциите поради извештаите за нарушување на срцевиот ритам кај одреден број пациенти.
Други земји, исто така, ги препорачаа овие антималарични лекови за различни ситуации.

Франција, на пример, ги овласти лекарите да им ги препишуваат за пациенти со ковид-19, иако здравствените власти предупредија на несакани ефекти.
Министерството за здравство во Индија препорача употреба на хидроксихлорокин како превентивен третман за здравствените работници, како и за превенција кај лица кои имале контакт со потврдени случаи и сето тоа само во совет со лекар.
Владиното тело за истражување во Индија во исто време предупреди на ризикот од неограничена употреба на овие лекови, со акцент дека тие се сепак „експериментални“ и само за вонредни ситуации.
И неколку земји од Блискиот Исток ја одобрија неговата употреба, додека паралелно работат на потврда за неговата ефикасност.