Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Филипче јавно да се извини и за, како што тврдат, загрозувањето на македонските национални интереси, за криминалот и корупцијата и грабежот и богатењето за време на ковид-пандемијата
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го повика лидерот на СДСМ Венко Филипче, јавно да се огради од неговиот претходник Зоран Заев кој тврдел дека Македонците и Бугарите биле ист народ. Оттаму исто така, го повикаа Филипче и да се извини за „сите предавства на СДСМ“ во изминатите седум години.
„Филипче да биде искрен и јавно да се огради и од менторот Заев, кој без трошка срам тврдеше дека Македонците и Бугарите биле ‘с’шт народ’?! Дали сè уште го дели тоа мислење? Добро е што Венко Филипче, после години громогласен молк и оправдување на политиките на СДС кои директно ја поткопуваа македонската државност, конечно се осмели макар и лажно да направи било каков чекор во одбрана на националните интереси. Меѓутоа, вистинската искреност бара не само зборови, туку и извинување и преземање одговорност за сите предавства на СДС изминативе седум години“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Филипче јавно да се извини и за, како што тврдат, загрозувањето на македонските национални интереси, за криминалот и корупцијата и грабежот и богатењето за време на ковид-пандемијата.
„Очекуваме Филипче, во име на СДС, јавно да се извини и за: откажувањето на оваа партија од македонскиот идентитет и јазик преку договорите кои директно ги загрозија македонските национални интереси; врските на СДС со ДУИ, кои резултираа со масовен криминал, корупција и грабеж на државните ресурси; грабежот и богатењето за време на ковид-пандемијата, кога како министер за здравство дозволи огромни злоупотреби на јавните средства, со што се вброи меѓу профитерите кои се богатеа додека народот страдаше“,
стои во соопштението на владејачката партија.
Ваквата реакција на ВМРО-ДПМНЕ следи откако лидерот на СДСМ побара официјална Софија да реагира и јасно и недвосмислено да се огради, а Европската Унија да ја осуди изјавата на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, кој рече дека е сосема логично Македонија да се припои кон Бугарија.
Нарекувајќи ја иредентистичка, Филипче во реакцијата објавена на својот фејсбук-профил ја осуди изјавата на Костадинов и додаде дека со неа, лидерот на Преродба го поткопува суверенитетот и достоинството на земјава и го негира посебниот македонски етнички идентитет. Тоа, како што додаде, е директно кршење на принципите на меѓународното право и основните вредности на Европската Унија.
Лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, денеска во објава на Фејсбук изјави дека нема ништо пологично од припојување на Македонија кон Бугарија со оглед на тоа што, како што рече:
„Нема ништо пологично од тоа две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и народ, како Бугарија и Македонија, да се обединат и да станат една држава“.
